АНАЛИЗА: Треба ли да се плашиме од иднината на автомобилите?

- Advertisement -

Додека ние уште се занимаваме со ЕУРО стандарди и купуваме возила кои работат на дизел или бензин, некои компании во светот веќе имаат готови беспилотни или летачки автомобили. Иако далеку е денот кога ние во Македонија во живо ќе видиме некое летачко такси, исто како што речиси секоја нова технологија доцни со пристигнувањето, добро е да знаеме што се случува во светот.

Volocopter

Дубаи најмногу напредува на ова поле, како и на сите останати полиња. Таму веќе пристигнаа првите летачки такси во светот. Тие се дело на германската компанија Volocopter и во Дубаи ќе почнат со тест летови, со коишто треба да ја уверат нивната Агенцијата за транспорт и патишта дека се безбедни за патување.

- Advertisement -

Тестирањето на мултикоптерите симболично го започна владетелот на Дубаи, шеикот Хамдан бин Мохамед бин Рашид Ал Мактум и претседателот на владата на Обединетите Арапски Емирати, кој и сам седна во него, но не доби дозвола за лет затоа што леталото најпрвин мора да помине ригорозни тестови без патници. По благословот на шеикот, Volocopter полета на првиот лет во близина на паркот Jumeirah Beach.

Таксито Volocopter пренесува двајца патници, има електричен погон и може да лета околу 30 минути со просечна брзина од 50 км/ч (максимална е 100 км/ч), високо е 2 метри, а распонот на крилата изнесува 7 метри. Засега не е познато кога овие такси ќе почнат со комерцијални летови, а пректот е дел од стратегијата на Дубаи со која до 2030 година целиот собраќај во овој футуристички град ќе биде автономен.

- Advertisement -
NX1

Во Дубаи се тестираат и првите беспилотни такси кои се хибрид од автомобил, воз и автобус. Компанијата Next Future Transportation со седиште во Калифорнија објави дека во Дубаи ќе почнат да се тестираат нивните беспилотни електрични возила NX1, кои се хибрид од автомобил, автобус и воз. Секое возило има капацитет да превезe до 10 луѓе. Максималната брзина им е околу 20 км/ч, што е доста бавно, но со оглед на тоа колку е еколошка оваа технологија, ова е голем придонес животната средина.

Од Next Future Transportation тврдат дека овие возила се најдобри за кратки до средни патувања, си батерија која овозможува точно 3 часа возење, а потребни се 6 часа за да се наполни. Кога ќе се испразни батеријата, возилата не мора да застануваат за да ја наполнат, туку доаѓа друго возило и само ја заменува батеријата. Возилата се опремени со сензори и камери со цел максимална безбедност на патниците, а може и да се спојат едни со други благодарение на посебни уреди за електромеханичко поврзување.

- Advertisement -

Полицијата во Дубаи, пак, објави дека нивните службеници ќе користат нов вид превоз – нешто помеѓу дрон и моторцикл. Моторциклите се развиени во соработка со рускиот производител на дронови Hoversurf, а полицијата ќе ги користи за итни ситуации и кога има метеж. Моторциклите се напојуваат со батерии, а можат да летаат еден метар над земјата до максимум 25 минути кога батеријата е наполнета, а еден час кога се користи гориво. Според достапните информации, моторциклите ќе се движат со максимална брзина од 70км/час, а ќе можат да носат товар до 300 килограми. Возилата моментално се во фаза на развој.

Pop.Up Next

Германскиот производител на автомобили Audi и авиокомпанијата Airbus на годинашното Geneva International Motor Show ја претставија својата надградена визија за летачко беспилотно такси кое ќе може да ве земе и да ве остави каде било – и тоа и по копно и во воздух. Новиот модуларен систем се вика Pop.Up Next и се состои од капсула со две седишта која функционира како кола додека вози по копно или во случај на сообраќаен метеж може да биде пренесена на која било дестинација преку воздух со помош на дрон.

Од Audi велат дека концептот може да стане индустриски стандард за летачките такси во иднина и дел од реалноста во периодот од 2024 и 2027 година. Таксито ви овозможува да си закажете превоз со помош на апликација. Системот потоа автоматски го предлага најдобриот начин на превоз за вашата рута според информациите за времето, сообраќајниот метеж, трошокот и потребите за споделување на превозот – по копно, по воздух или комбинација од двете.

Vahana

Во внатрешноста на капсулата има екран од 49 инчи преку кој се комуницира со автомобилот било преку говорни команди, следење на очите или со копчиња на допир. Капсулата може да се трансформира во автомобил кога ќе се поврзе со модул за на копно кој работи на батерија и може да помине 130 километри со едно полнење со максимална брзина од 100 км/ч.

Airbus и самостојно работи на друго летачко такси, Vahana. Ова такси за прв пат полета во САД. Vahana е целосно електрично и автономно летало кое полетува вертикално, а прототипот полета во Орегон до висина од 5 метри и по 53 секунди во воздух безбедно слета.

Cora

За помалку од 2 години Vahana од концепт на хартија стана вистинско автономно летало кое го оствари првиот лет. Vahana би требало да биде едносед кој ќе донесе демократизација на персоналните летови, велат од компанијата и наведуваат дека за летање ќе користи електричен погон, енергија и машински вид како главна технологија. Велат дека сега ги чекаат бројни тестови, а во иднина леталото треба да добие и нови мотори. Шефовите на компанијата се надеваат дека Vahana ќе биде подготвена за продажба во 2020 година, а токму Uber претходно ја најави Vahanа како можен кандидат со кој Uber дополнително ќе ја прошири својата понуда.

И основачот на Google, Лери Пејџ, работеше на свое летачко такси, Cora. Cora ќе почне да лета во 2021 година и ќе биде Uber на небото. Летачкото такси го направи градот Kitty Hawk со финансии од Лери Пејџ. Возилото е дизајнирано да полетува и слетува од место без потреба за писта. Кога ќе се најде во воздух, еден пропелер ја движи Cora напред низ воздухот со максимална брзина од 180 км/ч на висина од 150 до 910 метри. Владата на Нов Зеланд официјално објави дека има договор со Google за тестирање на леталото во земјата.

Cora може да помине максимум 100 км и во неа може да седнат двајца патници. Должината на крилата изнесува 11 метри. Cora има три компјутери кои управуваат со летањето и работат независно еден од друг, што значи дека ако едниот престане со работа, другите два ќе продолжат. Леталото има и посебен падобран за слетување во итни случаеви.

Освен еден куп концепти на летачки автомобили и такси, сега е готов и првиот летачки автомобил во светот кој можете да го купите. Тој беше претставен на Geneva International Motor Show во Швајцарија. Холандската компанија PAL-V го откри својот финален модел кoј ќе почне да се произведува и сега примаат нарачки за автомобилот на нивната веб страница.

PAL-V Liberty

Од PAL-V велат дека првите автомобили ќе бидат готови во 2019 година, откако ќе ги добијат финалните сертификати за безбедност. Ова возило за двајца патници ќе може да достигне брзина од 160 километри по копно, а 180 километри во воздух. Ќе може да се издигне на висина од максимум 3,3 км, а ќе може да лета најмногу околу 650 километри.

Трансформацијата од копнено возило во летачки автомобил нема да биде едноставна како притиснување на копче, но сепак ќе биде готова за помалку од 10 минути. Моделот од првата линија ќе се продава по 499.000 евра, а ќе бидат произведени само 90 летачки автомобили. Потоа ќе биде пуштена линијата Liberty Sport Edition по цена од 299.000 евра.

Uber, компанијата која прва го воведе концептот за споделување превоз, најави тест-летови на сопствените вселенски такси во Лос Анџелес за 2020 година. Компанијата потпиша договор со американскатa вселенска агенција за истражување (НАСА), со која заеднички ќе работат на управување со таквите возила. Од Uber изјавија дека услугата може да биде електрична, така што патувањето што со автомобил трае 80 минути, со летачкото такси ќе трае 4 минути.

Waymo driverless car

Во овие такси возила можат да се возат максимум 4 патници, а нивната максимална брзина ќе изнесува 322 километри на час. Целта на Uber е такси услугата да биде оперативна во Олимписките игри во Лос Анџелес до 2020 година. Но, експертите се скептични дека летачките такси возила некогаш ќе станат реалност.

Waymo, компанијата за беспилотни возила на Alphabet, компанијата-мајка на Google, сега по јавните патишта во Феникс, САД, има беспилотни возила без човек во возилата. Се до неодамна, во модифицираните беспилотни „крајслер пасифика“ на совозачкото седиште седеше вработен на Waymo во случај колата да има проблеми. Сега од Waymo се доволно сигурни во својата технологија за да ги пуштат возилата сами без човек во нив.

На почеток сите автомобили на Waymo ќе имаат вработен од компанијата кој ќе седи на задните седишта и ќе го следи однесувањето на автомобилот. Доколку има некаков проблем, вработениот ќе може да го притисне копчето „застани“. Во текот на наредните месеци учесниците во оваа програма на Waymo ќе добијат опција да се возат во целосно беспилотно возило. Подоцна Waymo ќе лансира услуга комерцијални беспилотни такси за јавноста во Феникс и пошироко.

Waymo го избра Феникс за тестирање на возилата најпрвин поради климата. Речиси секој ден таму е сончево и топло. Ретко кога има дожд, снег или мраз, иако од Waymo велат дека нивните автомобили безбедно возат и при слаб дожд. Освен временските услови, во Феникс има широки улици и помалку сообраќаен метеж од повеќето поголеми градови во САД.

Goodyear Oxygene

Меѓутоа, не само автомобилите стануваат попаметни. Иднината на транспортот изгледа навистина „зелена“ и поради другите делови од автомобилите кои добиваат паметни верзии. Goodyear само што ги претстави новите гуми Oxygene на Geneva International Motor Show во Женева, кои имаат интегриранo жива мов за да го подобрат квалитетот на воздухот додека се вртат. Но, не е само тоа ново. Goodyear ги испечати гумите Oxygene со 3D печатач, а како материјал користеше рециклирани гуми. Гумите имаат и вградена технологија која ги прави побезбедни за пешаците, пишува Inhabitat.

Додека сите еколошки иновации кај мобилноста се добредојдени, овие гуми се особено возбудлива вест затоа што автомобилските гуми се многу токсичен дел од транспортниот систем. Гумите Oxygene имаат жива мов која расте на внатрешните ѕидови од гумата, а преку врвците искористени за шиење на гумите добива влага за да се прехранува. Мовта го впива јаглерод диоксидот, а испушта кислород, а енергијата која се создава при фотосинтезата се користи за напојување на светла во гумите кои ги предупредуваат пешаците доколку возачот врти или кочи.

Кога се ќе се собере, се очекува првите функционални такси да полeтаат во 2019 година, додека такси превозот на повик би можел да заживее од 2025 година. Иако ова изгледа како одлична иднина, прашање е како луѓето ќе го прифатат летањето со автомобил без возач. Додека компаниите инвестираат милијарди во развојот на автомобили во кои нема да има потреба од учество на возачот, сегашниот ментален склоп на луѓето уште не е подготвен за да ја препушти контролата на вештачката интелигенција.

Моментално, кај беспилотните возила, најавтоматизирана е третата генерација, четвртата генерација доаѓа наскоро, а во текот на оваа деценија беспилотните автомобили ќе еволуираат до петтата генерација. Се прашувате што е петта генерација? Тоа е целосно самостојно возење, без потреба од асистенција на возачот. Токму тоа е она што ги плаши најголем дел од луѓето.

Луѓето во Феникс каде што се тестираат автомобилите на Waymo, односно Google се чини полека се навикнуваат на помислата да се возат во автомобил кој управува сам. Додека нивните првични реакции се чудење и несигурност, по извесен период се опуштаат и забораваат дека во автомобилот нема никој друг освен нив, а тие седат на задните седишта. Идејата технологијата и роботите да управуваат со нашите животи предизвикува непријатност кај најголем дел од луѓето, но се приближува моментот кога тоа ќе стане наше секојдневие.

Сподели!
- Advertisement -