Агрохемиски калкулатор – апликација за правилно ѓубрење во земјоделското производство

- Advertisement -

Земјоделците добија агрохемиски калкулатор – апликација која може да се инсталира на мобилните телефони и точно да каже, врз основа на лабораториски анализи, колку ѓубре треба да се употреби во производството.

Како што јавува МИА, апликацијата засега содржи 25 култури, главно градинарски, кои се најинтересни за Македонија. Во процедура е вметнувањето алатки и за винова лоза и за овошни насади.

- Advertisement -

„Агрохемискиот калкулатор се симнува преку гугл плеј и се инсталира на телефонот. Бирате култура што сакате да ја посадите, посеете или е веќе засадена. Потоа внесувате податоци за лесно достапен фосфор и калиум што морате да ги имате како резултат на лабораториска анализа на почвен примерок.“, објасни проф. д-р Фиданка Трајкова, презентирајќи ја апликацијата денеска на работилница во Кавадарци.

Модерното земјоделско производство, нагласи, подразбира  ѓубрење врз база на лабораториски анализи. Според неа,  земјоделците се уште ѓубрат „од искуство“, врз основа на тоа што го научиле од своите родители или соседи.

- Advertisement -

Во описот стои дека апликацијата нуди можност за пресметување на потребите за азот, фосфор и калиум за различни растителни култури со цел да се постигне посакуванот принос. За да може да се користи апликацијата, корисникот треба да направи агрохемиска анализа на почвен примерок од површината за содржина на азот (%), лесно достапен фосфор (mg/100 g почва) и леснодостапен калиум (mg/100 g почва) во репрезентативен почвен примерок и да ја знае висината на реално очекуваниот принос од дадена растителна култура одгледувана во специфични агроеколошки услови.

Како резултат на користењето на калкулаторот, земјоделецот добива информација за количината на азот, фосфор и калиум во kg/ha што треба да ги аплицира на површината за постигнување на саканиот принос. Врз основа на добиената информација за количината на потребни хранливи материи може да направи и комбинација од различни видови на вештачки и органски ѓубрива преку кои културата ќе ги добие потребните колични на азот, фосфор и калиум.

- Advertisement -

Изработката на апликацијата била поддржана преку проект од Еразмус+ програмата, а изработена е од Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип. Истата може да се преземе преку Google Play сервисот на следниов линк.

Сподели!
- Advertisement -