На денешното годишно Собрание на Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, претставиците на ИКТ (информатичко-комуникациска технологија) индустријата во земјава апелираа до Владата да не избрзува со покачување на данокот на приход затоа што таквото решение може да биде погубно, особено за оваа индустрија.
Тие апелираат да се земат предвид примерите од земјите кои имаат рамен данок со што се стимулира т.н. бела економија, односно се поттикнува регуларно плаќање на давачките. Според МАСИТ, евентуалното воведување на 18 отсто данок за секој приход над илјада евра како што предвидува Министерството за финансии, ќе значи притисок врз ИКТ секторот и дополнителен одлив на стручен кадар.
Претседателот на Управниот одбор на МАСИТ Горан Поповски нагласи дека Комората има повеќе предлози, а едниот од нив е МАСИТ да се изземе од генералните одредби и закони зашто е специфична индустрија која генерира додадена вредност преку нови технологии, технолошки развој и раст на извозот.
“Не смееме да ја притиснеме ИКТ индустријата зашто и онака е евидентен одливот на кадри. Многу им е лесно да најдат работа и да заминат од тука“, рече Поповски.
И извршниот директор на МАСИТ Анита Никова предупреди дека треба многу да се внимава со покачувањето на даноците.
“Да не дојдеме во ситуација да се вратиме во оние времиња кога се наоѓаше поевтин начин како да се платат давачките. Сега скоро нема фирма од ИКТ секторот која плаќа дополнителни средства на рака“, потенцира Никова.
Сугестија на Комората е и Македонија да престане да се продава како земја со евтина работна сила, туку да се обиде да промовира и пласира сопствени производи.
На денешниот настан министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски истакна дека клучот за развој е надминување на пречките преку дигитализација и тоа преку обединување на сите општествени сегменти: академија, бизнис и влада. Транспарентноста на информациите е единствен начин за прогресирање во глобалниот свет. ,,Науката и технологијата се обединуваат во проектот – ,,Технолошки парк,, кој ќе ги подржи малите и средни компании – проект на кој владата и вклучените страни активно работат,, – истакна Манчевски, објасувајќи дека овој проект ќе влијае на зголемување на вработувања и пораст на платите.
Денес, МАСИТ брои 77 членови од ИКТ индустријата во Македонија, многу воспоставени партнерства, како и портфолио од значајни проекти од областа на економија, легислатива, извоз и развој.
Во улога на единствена ИКТ комора во Македонија и регионот, МАСИТ продолжува да гради партнерства, проекти и клима за уште подобро развивање на ИКТ индустријата и подобрување на конкурентноста на македонските ИКТ компании на светскиот пазар.