Ова се земјите кои ќе имаат најмногу жители до 2100 година

- Advertisement -

Индија ќе стане земја со најмногу жители до 2024 година и ќе ја надмине Кина, која моментално има популација од 1,4 милијарди. Тој раст нема да забави до 2060 година, кога околу 1,67 милијарди луѓе ќе живеат во Индија. До 2100 година популацијата на Индија ќе почне да опаѓа, но сепак ќе биде поголема од 1,5 милијарди.

Популацијата на Кина, пак, во истиот период ќе падне на 1 милијарда. Ова се податоци на Обединетите нации, кои предвидуваат дека глобалната популација ќе се зголеми на повеќе од 11 милијарди луѓе во наредните 80 години. САД, кои моментално се трета најголема економија во светот, ќе забележат скромен раст на популацијата од околу 326 милиони денес на околу 447 милиони до 2100 година. Сепак, во тој временски период САД ќе паднат на четврто место поради растот на популацијата на Нигерија.

- Advertisement -

Се очекува дека оваа западноафриканска нација ќе порасне од 195 милиони луѓе на нешто помалку од 800 милиони до 2100 година, што е блиску до популацијата на цела Европа. Популацијата на Европа, пак, дотогаш ќе падне за околу 90 милиони до крајот на овој век. Многу други африкански нации како Конго, Танзанија, Етиопија и Уганда ќе доживеат брз раст до 2100 година.

Популацијата на Конго се очекува да се зголеми од 84 милиони на 379 милиони и поради тоа ќе стане петта најголема земја во светот по бројот на жители. Слично на неа, популацијата на Танзанија ќе се зголеми од 59 милиони на речиси 304 милиони, па ќе го заземе осмото место според бројот на жители во светот.

- Advertisement -

Повеќе азиски земји исто така очекуваат значителен раст. Популацијата на Пакистан, на пример, ќе скокне од 200 милиони на околу 352 милиони, а Индонезија ќе порасне од 266 милиони на 306 милиони.

Интересно е тоа што овие бројки би биле уште повисоки да не се предвидува пад во стапката на плодност во речиси целиот свет. Дури и во Африка, каде што стапките на плодност се највисоки, плодноста падна од 5,1 рожба во периодот од 2000 до 2005 година на 4,7 рожби во периодот од 2010 до 2015 година. Во Европа, пак, каде што се предвидува пад на бројот на жители, се забележува пораст на стапката на плодност од 1,4 рожби во периодот 2000-2005 година на 1,6 рожби во периодот 2010-2015 година.

- Advertisement -

Падот на стапката на плодност ќе резултира со стара популација. Споредено со 2017 година, во 2100 година ќе има трипати повеќе луѓе на возраст од 60 или повеќе години – од 962 милиони глобално во 2017 година на 3,1 милијарди во 2100 година.

Сподели!
- Advertisement -