Доколку сте претприемач кој неодамна започнал сопствен бизнис или пак сакате да се впуштите во претприемачките води и ви треба мотивација, ви нудиме предлог книга која може да ви даде одговори на многу прашања во вакви ситуации. Од добри до одлични – зошто некои компании успеваат, а други не? е книга прирачник за нови претприемачи кои овој викенд ви ја претставуваме во рубриката #ИновативностЧита.
Авторот на книгата Џим Колинс е познат американски економист кој работи како бизнис консултант и редовно држи предавања за одржливост и раст на компании. Својата кариера ја започнал како истражувач и професор на Универзитетот Стенфорд, за потоа благодарение на своите темелни истражувања од областа на бизнисот и економијата да стане еден од најпознатите експерти во САД за раст и развој на бизниси.
Во својата најпозната книга Од добри до одлични – зошто некои компании успеваат, а други не?, тој открива многу дилеми со кои се соочуваат сопствениците на бизнис кога се работи за раст на нивната компанија. Компании се раѓаат, а компании и пропаѓаат, па доколку не сакате вашата да се вброи во втората категорија, обидете се да извлечете клучни лекции од книгата на Колинс.
Што е она што овозможило одредени компании како што се Microsoft, Apple, Samsung, Facebook и многу други, да бидат толку многу познати и постојано да рушат рекорди со своите иновации и продажба? Кога би прашале дали овие компании се перципираат како вистински гиганти, скоро и да не постои човек кој ќе ви даде негативен одговор. Тоа значи дека овие компании ја откриле формулата која им овозможила да станат одлични компании.
Ваквата формула е токму во фокусот на Колинс кој благодарение на своите истражувања успеал да ја дешифрира, да ја преточи во конкретни чекори и да советува како овие чекори да се имплементираат на вистинскиот начин за да се предизвика неверојатен раст на една компанија.
Преку своите истражувања кои се преточени во книгата, Колинс открива дека компаниите гиганти знаат како да ги насочат сите свои ресурси кон област во која се исклучиво напредни. Како дошол Колинс до овој заклучок? Неговите истражувања за книгава се одвивале во период од пет години и биле навистина интензивни.
Во книгата тој прво го обработува концептот на лидерство и каков треба да биде лидерот за да ја претвори својата компанија во одлична. Тесно поврзан со лидерот е и тимот кој работи во компанијата и ја води кон успех, а според Колинс секој претприемач кога започнува компанија, прво мора да оформи добар тим, па да се фокусира на производот или услугата што сака да ја понуди. Тој понатаму објаснува и за потребата од дисциплина, вистинска технологија, како и најважниот дел: концептот на еж.
Според него, доколку лидерите градат компанија и креираат стратегија за развој според овој концепот, тогаш успехот им е загарантиран. Концептот на еж опфаќа одговори на следниве прашања: која е вашата страст, во што сте најдобри и што ви генерира приход?
Книгата на Колинс беше прогласена за бестселер и е продадена во над 4 милиони копии. Не губете време и вие, и ако имате намера да започнете сопствена компанија и да направите вистинска промена со истата на пазарот, почнете да се подготвувате со книгава.