„Дом со нула отпад“ отсега и на македонски, книга која учи како да живееме поздраво и со помалку отпад

- Advertisement -

„Ако нула не е целта за намалување на отпадот, тогаш која е целта?“, беше едно од прашањата кои инспиративната Беа Џонсон или позната како жената која годишно прави само една тегла отпад им ги постави на публиката во Скопје кога ја промовираше својата книга Дом со нула отпад во Македонија.

Фото: Ококори

Светот, но и Македонија се „дави“ во сѐ повеќе и повеќе отпад, па дури и кога сме најгласни на тема екологија во зимските периоди кога ни е најмногу загадена околината, на лето како да подзабораваме дека отпадот е сѐ уште тука, дека не може да се отстрани како со магично стапче, а отпадот кој секое домаќинство го создава и понатаму завршува на депониите, скапува и испушта токсични материи во воздухот кој го дишеме.

- Advertisement -

Нула отпад звучи многу утописки во денешниов свет на консумеризам, но перцепцијата дефинитивно се менува кога ќе видите како на некој друг му успева преку свесни и одговорни потрошувачки навики, да го сведе отпадот на само една тегла.

„Заборавете на таа една тегла ѓубре годишно, колку што прави Беа со своето семејство! Имаме еден куп рефусни намирници на пазар, треба само попаметно да пазариме – со торби, тегли и торбулиња и да го купуваме само она што навистина ни треба.“, вели Андријана Папиќ Манчева, „виновникот“ позади преводот на книгата на Беа Џонсон, Дом со нула отпад, на македонски јазик.

- Advertisement -

Андријана ја запознавме токму на промоцијата на книгата во Скопје, го слушнавме нејзиниот инспиративен говор за тоа како се одлучила да ја преведе книгата сакајќи да придонесе кон промовирање на живеењето со помалку отпад, па решивме да поразговараме со неа малку повеќе на темава и да дознаеме каква е состојбата во Македонија со справувањето со отпадот и еколошките навики на луѓето.

Откако ја прочитав „Дом со нула отпад“ на плажа пред три години, сфатив дека постои чаре за ѓубрето околу нас и не престанав да им зборувам за тоа буквално на сите. Не помина многу пред сопругот да ми каже „Па зошто не ја преведеш?“. И толку ми требаше. Ѝ пишав на Беа за идејата, ептен ѝ се бендиса и самата предложи да дојде во Македонија. Не ми ни паѓаше на памет да ја одбијам, па така некако се случи и „Од нула до нула“ што ја формиравме како неформална иницијатива со Леа Линин и Сабрина Железник… и Беа првпат дојде на Балканот заедно со минатогодишната пролет.

- Advertisement -
Андријана Папиќ Манчева

Нула отпад е фантастична животна филозофија која освестува и оснажува: ни овозможува да си го подобриме животот така што ќе правиме многу помалку ѓубре – свесното поедноставување и избегнување амбалажи не само што носи заштеди во време и пари, туку е и добро за здравјето, а сè што е добро за нас е добро и за животната средина и обратно. Спасот од ѓубрето лежи првенствено во едукацијата – околината ни е неверојатно загадена, стапките на малигни и респираторни болести се во пораст, депониите низ земјата не може да се добројат, а чарето е толку едноставно. Мора да сфатиме дека како потрошувачи директно придонесуваме кон загадувањето на средината: само минатата година секој граѓанин во Македонија фрлил над 300 кг ѓубре, а над 90% од собраниот комунален отпад „излегол“ од домаќинствата. Така измешан, сиот отпад ќе нè надживее и нас и нашите внуци. За среќа, и оваа промена зависи од нас самите.“, раскажува Андријана.

Но, како да започнеме да чекориме по овој пат за создавање на помалку отпад во домаќинствата? Како што советува и самата Беа Џонсон во својата книга, постојат пет правила кои се водич за тоа како да се живее со помалку отпад.

Беа Џонсон

Одбивај да го земаш она што не ти треба како пластични кеси, пластична амбалажа, пластични сламки, промо-материјали, украсни чадорчиња во коктелот, редуцирај го она што ти треба како облека, детергенти, украсни предмети во домот, реупотребувај го она што веќе го имаш како платнени торби за пазарење, стаклени садови за складирање храна, рециклирај го сето она што ќе ти преостане од претходните три чекори како пластика, стакло, хартија, е – отпад и компостирај го органскиот отпад од кујната, влакната, стариот леб, исечените нокти итн.

„Секој од нас може да им каже „не“ на пластичните кеси, сламките и флаерите, секој од нас може да позајмува, реупотребува и да го селектира органскиот отпад за компост. Би користеле ли метален брич ако знаете дека секоја година во светот се фрлаат над 2 милијарди пластични бричеви? Навистина ли мислите дека не можете без ролните кујнска хартија, штетната алуминиумска фолија или кесите за ѓубре? Јас можам. Кога самата решив да ги променам сопствените навики, сфатив дека не сум единствена – постои цела заедница на луѓе кои се обидуваат да живеат поодржливо, поедноставно и поквалитетно и да го намалат својот јаглероден отпечаток. Навистина се надевам дека книгата ќе ги поттикне постојните мали претприемачи и производители да размислат за придобивките од нула отпад и да понудат алтернативи со што значително би ни го олесниле живеењето со помалку ѓубре.“, вели Андријана.

Зборувавме и за свеста која постои помеѓу луѓето во Македонија за создавањето помалку отпад, па иако мислиме дека нема спас за отпадот, сепак постојат некои придвижувања „на терен“. Ова всушност го покажа и посетеноста на промоцијата на книгата во Јавна соба, каде не остана празно столче во публиката. Како што спомена и Андријана, заедно со уште две девојки ја започнале иницијативата „Од нула до нула“, а причината поради која ја нарекле така е бидејќи сметале дека навистина треба да се почне од нула. Но, кога почнале да го истражуваат пазарот и да бараат поодржливи алтернативи, увиделе дека воопшто не е тешко да се пазари поретко и попаметно и да се прави помалку отпад.

Имено, кога ќе си ја набавите книгата Дом со нула отпад, на последните страници ќе можете да прочитате за места и начини во Македонија каде може да се пазарат производи со помалку амбалажа или на рефус, како и за иницијативи кои придонесуваат кон создавањето помалку отпад – оваа листа е по заслуга на Андријана.

На крајот на разговорот ја прашавме за следните активности како иницијатива, каде ја начнавме и темата дека пред сѐ е потребна поинтензивна едукација на луѓето за тоа како можат да живеат создавајќи помалку отпад.

„Еден од моите главни стремежи во следниот период ќе биде дистрибуцијата на книгата за нула отпад да стигне до што повеќе луѓе; навистина силно верувам дека во најмала рака ќе го замисли читателот. Нула отпад нуди толку многу можности за дејствување, а интересот лека-полека се зголемува, па сите следни активности би биле во насока на подигање на свеста. Лично, продолжувам со поедноставување на секојдневието затоа што веќе ги чувствувам придобивките; плус, ептен би сакала со личниот пример да ги побијам сите што ми велат дека „една пластична кеса нема да направи промена“. 

Заборавете на таа една тегла ѓубре годишно, колку што прави Беа со своето семејство! Живеењето со нула отпад е фантастичен начин да се „хакне“ системот, да им се одолее на попустите со невидена леснотија, да се живее поздраво, да се искусува наместо да се поседува и конечно да се остави поздрава животна средина. Секој од нас е одговорен за животната средина, сечија постапка директно влијае врз животот на другиот и на генерациите по него. Заборавете на сите останати фактори на загадување и почнете од себе – зарем е толку тешко да се одбие пластичната кеса или да се понесе сопствена чаша за кафето во парк?“, заклучи Андријана.

Книгата е во издание на издавачката куќа Виг Зеница и е достапна по цена од 350 денари, но верувајте, лекциите на кои ќе ве научи се бесценети. Книгата може да се нарача преку Фејсбук страницата на Од нула до нула на следниов линк.

Првата лекција која ние ја научивме од зборовите на Беа Џонсон и Андријана Папиќ Манчева е дека патот кон целта наречена нула отпад започнува од нас самите, чекор по чекор, па следниот пат кога ќе појдете на пазар, осигурајте се дека сте понеле платнена торба за производите.

(Пишува – Бисера Срцева; Фото – Борис Јурмовски)

Сподели!
- Advertisement -