АНАЛИЗА: Кои се најголемите соларни фарми во светот?

- Advertisement -

Традиционалните извори на енергија како што се нафтата и јагленот се покажаа разорувачки за планетата Земја! Бидејќи тие не се непресушени извори, светот полека почнува да се навикнува на идејата дека мора засилено да се работи на план Б.

Планот Б не е ништо друго освен обновливата енергија. Многу места на нашава планета изобилуваат со сончева светлина и топлина во текот на целата година. Додека во некои предели таа сончева топлина и светлина не може максимално да се искористи затоа што не допира директно на почвата, туку достигнува до бујната вегетација, во други предели каде што нема вегетација таа е толку силна што го отежнува животот на населението. Такви се пустинските предели, кои ги има насекаде на планетата.

До пред извесен период тие предели се сметаа за неупотребливи и луѓето се плашеа од суровите услови за живот, а сега токму тие се извор на моментално најпопуларната „зелена“, обновлива енергија во светот – соларната и се уште еден доказ дека Сонцето е извор на живот на Земјата. Многу земји веќе отидоа далеку напред со експлоатацијата на енергијата од Сонцето во пустинските предели, а постојано никнуваат и нови соларни фарми и паркови.

- Advertisement -
Соларен парк во Певагада, Индија

Големите земји како Кина и Индија, кои се супер сили во подем, најбрзо сфатија каде лежи иднината на енергијата и работат на неверојатни проекти. Потребата на Индија од чиста енергија е очигледна. Економијата на земјата расте со 7% годишно, а треба да се обезбеди енергија за стотици милиони луѓе, кои немаат пристап до неа. Токму затоа Индија мора да работи на развој на соларната енергија и енергијата од ветрот за да ги достигне договорените цели од Парискиот климатски договор. Јагленот се уште зазема 58% од изворите на енергија во земјата, ветрот зазема 10%, а соларната енергија само 5%.

Кинескиот претседател, Џи Јинпинг, пак, вети досега невиден подем на зелената енергија во земјата велејќи дека од одговорот на земјата на климатските промени зависи иднината на Кинезите, но и на целото човештво. До 2020 година Кина планира да произведува 110 GW енергија од Сонцето и 210 GW од ветрот. Тие 110 GW, всушност, се 27% помалку од првично зацртаната цел затоа што Кина има проблем да ги адаптира новите проекти на постојната електрична мрежа.

- Advertisement -
Kamuthi соларен проект во Индија

За разлика од САД, Германија, Австралија и други држави кои соларната енергија главно ја добиваат од соларни панели поставени на покриви, најголем дел од соларната енергија во Индија и Кина доаѓа од исклучително скапи соларни фарми и паркови со милиони соларни панели.

ИНОВАТИВНОСТ прави преглед на најголемите соларни фарми во светот со преглед на капацитетите, можностите и непроценливата вредност на тие соларни фарми за цели општества, за земјоделството, за националната економија, за намалување на загадувањето и заштита на животната средина.

- Advertisement -

Ќе почнеме од најмалата од најголемите соларни фарми. Toa e Pavagada Solar Park во Павагада, Индија. Овој соларен парк работи од 2017 година со капацитет од 600MW. Но, тоа е само многу мал дел од вкупниот планиран капацитет на паркот, кој треба да биде готов до крајот на 2018 година – 2GW.

Kurnool Ultra Mega Solar Park

Павагада е избран како локација за проектот од неколку причини. Освен тоа што има висока соларна радијација и голема површина, регионот има и многу малку врнежи во текот на годината. Павагада е лоциран на еден вид плато од сите страни опколено со карпести планини. Регионот има прогласено суша дури 54 пати во изминатите 60 години, па затоа и најголем дел од населението, составено главно од сиромашни фармери, се преселило во соседниот Бангалор.

И наредната соларна фарма според големината на капацитетот е од Индија. Тоа е Kamuthi Solar Power Project во Камути, Тамил Наду во Индија. Соларната фарма има капацитет од 648MW и покрива површина од 10 квадратни километри. Токму затоа ова е најголемата по површина соларна фарма во светот која е на една единствена локација.

Соларниот парк беше изграден во 2018 година за импресивни 8 месеци. Паркот секој ден го чисти роботски систем, кој самиот се напојува со енергија од сопствени соларни панели. Целосниот капацитет на соларната фарма се проценува на доволно енергија за околу 150.000 домаќинства. Проектот е составен од 2,5 милиони индивидуални соларни модули, а изградбата чинела околу 679 милиони долари.

Longyangxia Dam Solar Park

Bhadla Solar Park во Индија е уште еден парк со вкупен капацитет кој се очекува да ги надмине соларните фарми кои денес се на тронот како најголеми – 2,25 GW. Моменталниот капацитет на паркот е 746 MW. И овој соларен парк почна со работа минатата година, а се очекува целосниот капацитет да биде комплетиран и функционален до декември 2018 година.

Паркот е составен од 1 милион соларни панели распрскани низ регион со површина од 45 квадратни километри во Раџастан, Индија. Паркот беше развиен во четири фазиr. Третата фаза од конструкцијата со капацитет од 1.000 MW треба да биде комплетирана наскоро.

Кина е наредна на листата со соларната фарма Longyangxia Dam Solar Park. Оваа соларна фарма е еден од последните проекти на Кина за искористување на соларната енергија, со вкупна површина од 27 квадратни километри. Соларната фарма се наоѓа во градот Сиџи во источниот дел од провинцијата Жеџианг во Кина. Фармата се состои од 300 хектари соларни панели поставени над фарма за риби.

Bhadla Solar Park

Оваа фарма има капацитет од 950 MW, а очекувањата се дека може да генерира до 220 GW енергија на годишно ниво, што е доволно за да се напојуваат со енергија 100.000 домаќинства.

Уште еден претставник од Индија на листата со најголеми соларни фарми и паркови во светот е Kurnool Ultra Mega Solar Park.  Од декември минатата година овој соларен парк е функционален со вкупен капацитет од 1.000 MW.  Раштркан на површина од околу 23 квадратни километри, овој парк се состои од вкупно 40 милиони соларни панели, секој со поединечен капацитет од 315 W.

Сите соларни панели преку еден вистински лавиринт од кабли се поврзани на четири станици со капацитет од 250 MW поединечно и на една мрежна потстаница. Должината на каблите искористени за поврзување е неверојатни 2.000 километри.

Соларната Datong Solar Power Top Runner Base ќе биде најголемата во светот кога ќе биде комплетирана. Првата фаза од соларната фарма со капацитет од 1 GW беше завршена во 2016 година. Целосната изведба на фармата е планирано да се одвива во три фази, а вкупниот краен капацитет на фармата ќе изнесува импресивни 3GW.

Datong Solar Power Top Runner Base

Datong Solar Power plant, според некои владини статистики, за период од само половина година од пуштањето во употреба успеала да генерира 870 MW електрична енергија, што е еднакво на повеќе од 120 MW енергија месечно. Фармата се наоѓа на тибетско плато во источна Кина. Составена е од 1 милион соларни панели, а енергија што ја создава е доволна за околу 140.000 домаќинства.

Потоа следува Tengger Desert Solar Park со капацитет од 1,5 GW. Оваа соларна фарма се наоѓа во Жонгвеи, Кина. Регионот Тенгер е исклучително сушен регион со површина од околу 36.700 км. Самата соларна фарма се протега на растојание од 1.200 км, а зафаќа површина од 43 квадратни километри. Овој соларен парк уште го нарекуваат „Големиот соларен ѕид“.

Индија го надмина овој неверојатен капацитет на кинескиот соларен парк со својата соларен парк вреден дури 3,2 милијарди долари познат под името Shakti Sthala. Индија го пушти во употреба соларниот парк на почетокот на март оваа година. Паркот се протега на површина од околу 52 километри квадратни преку 5 села во округот Тумакуру, земјоделски регион каде што владее суша и невработеност.

Shakti Sthala

Државата го изнајми земјиштето од локалните фармери на доживотно користење. Досега  2.300 фармери имаат изнајмено 52 квадратни километри земјиште. Паркот има капацитет од 2 GW. На овој начин не само што државата им овозможува на фармерите да останат да живеат таму, туку уникатниот модел на давање под наем ја отстранува најбитната пречка при градење масивни проекти како овој – наоѓањето соодветен терен.

И Кина работи на проект кој ќе има капацитет од 2 GW, а ќе се наоѓа во регионот Нингџиа. Соларниот парк ќе биде составен од дури 6 милиони соларни панели, а веројатно ќе биде готов во текот на наредната година.

Во Египет исто така се работи на проект со сличен капацитет. Проектот Benban Solar Park, кој се очекува да има капацитет од 2 GW соларна енергија до средината на 2019 година. Во моментот во соларниот парк има 29 електроцентрали за кои беа издвоени речиси 1,8 милијарди долари државни средства. Тие имаат капацитет од 1,5 GW соларна енергија. Планирано е соларниот парк да има вкупно 32 електроцентрали. Сите централи треба да бидат готови до средината на 2019 година.

На самиот врв на листата е Саудиска Арабија со својот амбициозен проект кој ќе чини дури 200 милијарди долари. Овој проект е партнерство меѓу Саудиска Арабија и јапонскиот технолошки гигант SoftBank. Се очекува да биде готов до 2030 година, а ќе има неверојатен капацитет од 200 GW. Со капацитет од 200 GW проектот ќе биде околу 100 пати поголем од најголемата оперативна соларна фарма денес.

 

Сподели!
- Advertisement -