Холандска компанија собира електрична енергија од живи растенија и потоа ја користи за да ги напојува полначите за телефони, Wi-Fi хотспотови и сега повеќе од 300 ЛЕД улични светилки во Холандија. Компанијата Plant-e за прв пат го претстави проектот Starry Sky во 2014 година во близина на Амстердам, а сега електричната енергија од растенијата се користи и во близина на седиштето на компанијата во Вагенинген.
Многу истражувачи бараат начини да генерираат електрицитет од воздухот, а оваа идеја е слична. Основачите на Plant-e размислувале каде во природата има енергија која може да се собере и да се користи од страна на луѓето. Откриле дека таква енегија се создава како нуспроизвод на фотосинтезата. Модулите за енергија од растенијата на Plant-e се еден вид навестување за револуцијата на чистата енергија во иднина.
Plant-e не само што не им наштетува на растенијата кога ја собира енергијата, туку енергијата што ќе се собере е во доста голема количина. За енергијата за уличниот систем во Холандија ратенија се одгледуваат во пластични контејнери со големина од 0,2 квадратни метри. Растенијата вршат фотосинтеза и ја претвораат соларната енергија во шеќери. Како што растат, секогаш произведуваат повеќе шеќери отколку што им се потребни, а вишокот се ослободува преку коренот во околната почва и се разложува на протони и електрони. Системот на Plant-e со помош на електроди во почвата ја собира енергијата.
Основачите на компанијата се надеваат дека нивната технологија во иднина ќе се користи за да се добива енергија во сиромашни предели каде што има многу растенија како што се оризовите полиња или во близина на мочуришта. Доколку откријат начин нивната технологија да биде поефективна и поевтина, оваа нова чиста енергија ќе може да допре до луѓе коишто никогаш немале струја, а тоа се околу 25% од популацијата на Земјата.