Во текот на изминатиот период Нери Оксман стана светски позната зарди поврзаноста со холивудскиот актер Бред Пит. Но она што ја прави Нери фасцинантна и возбудлива жена е нејзината одлучност да креира хибрид од инженерство и биологија. Професорката на МИТ е вистински револуционер во својата област
(Пишува- Мартина Берберу)
“Две куполи близначки, две радикално спротивставени култури на дизајн. Едната е направена од илјадници челични елементи, другата од единствена свилена нишка. Едната е синтетичка, другата органска. Едната се наметнува на животната средина, другата создава животна средина. Едната е создадена за природата, другата е произведена од природата. ” – вака Нери Оксман го започна својот краток и моќен говор на конференцијата TED во 2015та година. Оние кои се запознаени со TED конференцијата знаат дека пионерите од сите области кои се поканети да оддржат говор се ставени на тест да го презентираат своето животно работење и пробивни откритија во само 18 минути – проблем со кој сигурно се соочил и пионерот на светски редизајн.
Во текот на изминатиот период името на Нери Оксман беше често споменувано по медиумите заради нејзината соработка и пријателство со еден од најпознатите холивудски актери Бред Пит. Светската јавност ја запозна Оксман заради нагаѓањето дали е романтична врска со Пит, но она што ја прави Нери фасцинантна и возбудлива жена не е нејзиното пријателство со светски познатиот актер, туку нејзината одлучност да креира хибрид од инженерство и биологија.
Koja e Нери Оксман?
Архитект, дизајнер и вонреден професор по медиска уметност и науки на Институтот за Технологија во Масачусетс (MIT), Нери Оксман е жена која размислува понапред од своето време и е водечки истражувач на различните начини на кои дигиталните и биолошките процеси можат да се испреплетат во областа на архитектурата. Револуцијата на Оксман е едноставна: наместо дизајнот да имитира модели, системи и елементи на природа, да се додаде природа во дизајнот, односно да се збогатат предметите и зградите со биолошки материјали кои можат да се прилагодат, реагираат па дури и да комуницираат со природата. Замислете вазна која ќе ги потхранува цвеќињата, ќе менува боја во согласност со нивниот животен циклус и ќе помогне да се распаднат откако ќе овенат. Не станува збор за магија, туку за “Материјална Екологија” – израз измислен од страна на Оксман, кој најдобро ја објаснува суштината на нејзиното работење.
Приказната на Оксман започнува во 1976 година во Израел, каде израснала во присуство на архитекти, инженери и својата баба која и раскажувала приказни од стариот завет. Приказната за Божјата заповед да израснат дрва кои целосно ќе бидат плодови и на кои нема да се разликува стебло, гранки и цут, а на чие место од земјата никнале дрвја создадени од различни делови, е приказната која подоцна станала основа за поголем дел од нејзиното работење.
Оксман се запрашала како би излгедале предметите околку нас доколку не се склопени од повеќе елементи и материјали во производствениот процес, туку се составени од само една материја.
Откако станала вонреден професор на Институтот за Технологија во Масачусетс во 2011 година, Оксман основала истражувачката група за Посредувaчка Материја – оддел кој истражува како биолошките системи и процеси можат да влијаат врз вештачкиот свет. Нејзиниот тим работи на целосно нови методи на дигиталнo инженерство, дизајн и конструкција. Оксман цели кон подобрување на врската помеѓу природната и вештачката средина преку постигнување на високи степени на прилагодливост и разновидност на дизајнот, интеграција на животната средина и ефикасност на материјалите. Работејќи во повеќе области како компјутерски дизајн, слоевито производство, материјално инжинерство и синтетичка биологија, нејзината лабораторија претставува терен на пионерска симбиоза помеѓу микроорганизми, луѓе, вештачки предмети и технологија каде се бараат начини на кои дигиталните и биолошките процеси можат да се искомбинираат за создавање нов вид на архитектура.
Креатор на уметнички дела
Спојот на дизајнот и науката се гледа во уметничките дела на Оксман кои се изложени во повеќе галерии и музеи. Нејзината колекција варира од свилен павилјон – изграден од роботска рака и свилени црви па се до одела исполнети со микроби кои можат да го оддржат носителот жив во непријателска средина. А најдобро од се е тоа што сите креации се биоразградливи во вода.
Во свет каде дизајнот и креацијата се стремат да вдишат живот во производите и зградите околу нас и да ги оптимизираат материјалите и процесите, Нери Оксман визионерски не води од придодно-инспириран дизајн до дизајн-инспирирана природа, а со тоа дизајнира поинаков начин на размислување и ја обликува нашата иднина.