Arup и CLS Architetti ја претставија својата долго очекувана 3Д печатена куќа на Салонот за мобилен дизајн во Милано. Иако уште е прототип, проектот изгледа како најцелосно реализирана и најудобна за живот 3Д печатена куќа во светот досега, со многу посложен и поголем дизајн отколку другите, пишува New Atlas.
Куќата се вика 3D Housing 05 и е направена со цел да ја покаже ефикасноста на технологијата за 3Д печатење, а е конструирана слично како други 3Д печатени архитектонски проекти. Цементна мешавина се става слој по слој со помош на робот, а потоа луѓе ги довршуваат вратите, прозорците и другите финални елементи.
Една забележителна разлика во споредба со други претходни 3Д печатени проекти е дека кај 3D Housing 05 наместо статичен роботски принтер се користи роботски манипулатор поставен на подвижна основа со што се добива поголема флексибилност. Куќата е дизајнирана од CyBe Construction. Роботот кој се користи за печатење чини 349.000 евра, што значи дека е наменет за компании.
Вкупната површина на куќата е 100 квадратни метри, а поделена е на дневна соба со маса и столови, спална соба со дупли кревет, кујна со мујалник и мал дел за јадење и убава бања со када, тоалет, мијалник и дел за седење. Внатрешниот мебел и другите предмети се навистина луксузни. Куќата има и тераса на покривот до која се доаѓа по надворешни скали.