Минатата недела, под името „Жени во е-трговија”, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија успешно ги реализираше дводневните обуки и тренинзи како дел од програмата која ја презентираа на прес-конференцијата пред неполн месец.
Обуките беа посетени од 30 претставници на компании од Македонија кои сакаат да ја унапредат е-трговијата во своите компании или едноставно да научат повеќе за истата. Учесничките имаа прилика да соберат нови знаења за голем број на аспекти во е-трговијата распределени во 13 предавања и 2 работилници кои ги покрија 16 говорници, сите искусни во своите области. Благодарение на поддршката од Швајцарската Програма за претприемнишво (SwissEP) учесниците имаа можност да слушнат и интернационални искуства од петте претприемачи кои доаѓаа од Обединетото Кралство и САД.
Дел од темите кои што се најдоа во сеопфатната агенда беа: развојот на е-трговијата во Македонија, плаќања во е-трговија, испорака кон дома и надвор, правна регулатива, дигитален маркетинг, email маркетинг, growth hacking, платено рекламирање на Facebook и Instagram, можности за жени во е-трговија и др. Дополнително четири говорници ги презентираа своите успешни приказни во 4 различни индустрии (групни попусти, едукација, малопродажба и супермаркет), предизвиците со кои се соочиле и како ги надминале.
“Овие обуки покажаа дека на македонските компании им недостасуваат вакви едукативни настани каде покрај тоа што собирираат нови знаења, имаат можност и да разменат искуства и предизвици со кои се соочуваат, да видат како другите се справуваат со истите и кои се најдобрите практики кои може да ги применат во своите компании. Особено не радува отвореноста која ја покажаа сите учесници преку плодната дискусија и активното учество. Нашата цел е да ја унапредиме е-трговијата во Македонија и да креираме поволна клима за нејзин раст, а еден од начините за да го направиме тоа е токму едукацијата која ќе помогне во градења на капацитетите и зголемување на понудата во е-трговијата на пазарот која е клучна за раст на индустријата.”, вели Д-р Нина Ангеловска, косопственик и директор на Grouper.mk и Претседател на АЕТМ.
АЕТМ започна со работа во декември 2017, а веќе има 32 членки кои заеднички ќе работат и застапуваат за создавање поволна клима за развој на електронската трговија во Македонија. Во неполни 4 месеци работа асоцијацијата ја формираше својата програма за 2018 година, го одржа своето прво Собрание, организираше прес конференција, гостуваше во голем број емисии и настани кревајќи ја свеста за е-трговијата, објави податоци за е-трговијата во Македонија како дел од сеопфатната анализа за состојбата со е-трговијата во Македонија која е во процес на изработка, ги организираше првите едукативни тренинзи под името „Ladies in eCommerce“, и оствари контакти и размени искуства за соработки со повеќе асоцијации од други земји.
Сите компании кои сакаат да се придружат на АЕТМ може да се информираат повеќе на веб страницата на Аоцијацијата на следниов линк и да ги следат активностите на нивната Facebook фан страна.