Отворање 980 мали бизниси со Програмата за вработување 2018

- Advertisement -

Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување и УНДП денеска потпишаа Договор за Годишната програма за вработување 2018, проектирана на 8,3 милиони долари.

Како што беше речено на заедничката прес-конференција во Владата на која присуствуваше и премиерот Зоран Заев, Програмата е дел од Оперативниот план за вработување, а во фокусот се младите и ранливите категории лица.

- Advertisement -

„Борбата со невработеноста, обезбедувањето квалитетни и одржливи работни места, како и помош за невработените да ги надминат бариерите на пазарот на труд, останува наш заеднички предизвик.“, истакна премиерот Заев.

Постојаната амбасадорка на ОН во Македонија Лујза Винтон информира дека со Годишната програма е предвидено отворање 980 мали бизниси, од кои 50 на лица со попреченост, како и ангажирање лица во 45 до 50 општини кои ќе им помагаат на деца од предучилишна возраст, лица со попреченост и постари лица.

- Advertisement -

„Недостатокот на пристојни работни места е клучен предизвик за натамошен развој на Македонија. Загрижува и фактот што скоро 50 отсто од младите постојано си заминуваат од државата, но голем дел ги напуштаат селата, руралните средини,… Истовремено растечките приватни бизнис имаат недостиг од обучен кадар.“, рече Винтон.

Според неа, благодарение на одлучноста на македонската Влада да се справи со невработеноста, за 2018 година се поставени многу поамбициозни цели.

- Advertisement -

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска подвлече дека активните мерки за вработување се прилагодени на потребите на работодавачите, но и на профилот на младите и ранливите групи. Воедно нагласи дека ќе може да ги користат и социјалните претпријатија и граѓанските организации без притоа да има какви било ослободувања од здравствено и социјално осигурување.

Како што истакна директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска, сите невработени лица имаат еднаков пристап до мерките и Програмата за вработување предвидени со Оперативниот план иако на младите им се дава предност и тие треба да бидат застапени со најмалку 30 отсто.

Оперативниот план е донесен во март годинава по што беше и јавно објавен. Интересот за мерките е голем, особено, според директорката, за субвенциите за вработување проектирани на 19.000 денари по лице, кои се исплаќаат однапред.

Сподели!
- Advertisement -