Oфицијално беше отворена новата туристичка сезона Скопје 2018, а на отвoрањето градоначалникот Петре Шилегов ја промовираше новата туристичка автобуска рута.
Новата рута се реализира во рамките на „Сити тур бас“ (CITY TOUR BUS) преку ЈСП Турс и истата има за цел да ги презентира сите културни и туристички знаменитости на Скопје, со акцент на богатството на културни и религиозни разлики, мултиетничноста, Старата скопска чаршија со сите свои специфики од занаети до кулинарство, архитектурата на Кензо Танге поврзана со земјотресот и Скопје како град на солидарноста.
Цената на билетот на „Сити тур бас“ ќе изнесува 150 денари, а почетната станица на овој автобус ќе биде на плоштадот „Македонија“. Директорката на ЈСП Турс, Соња Митриновска Боева, изјави дека новата тура ќе се одвива од плоштадот „Македонија“, порта „Македонија“, Кале, хотел „Континентал“, а посетителите ќе можат да ги погледнат градбите од османлискиот период и архитектурата на Кензо Танге. Турата трае околу два часа.
„Го враќаме стариот сјај на Скопје истовремено збогатувајќи ја туристичката понуда на градот со модерни содржини кои реално ќе привлечат нови туристи. Нашата цел е новите туристи по посетата на Скопје во своите краеви да понесат пријатни искуства достојни за угледот на нашиот град, по примерот на другите европски и светски метрополи. Придобивките на новата туристичка сезона за оваа година опфаќаат и промоција на Парк шумата Водно и Матка како еко-оази на градот, Жичницата на Водно, како и промоција на настаните кои ни претстојат од типот на Виз Ер Скопскиот маратон кој ќе се одржи 6 мај, трката на Водно „Прв до Врв“ која ќе се одржи на 20 мај, Скопското лето, како и ред други настани кои Скопје го прават бренд со кој сите се гордееме“ кажа Шилегов.
Градоначалникот Шилегов додаде дека Градот Скопје ќе ги продолжи своите активности за развој на туризмот во Скопје и подобрување на условите за сите негови посетители.
„Напорно работиме на унапредувањето на туризмот во градот и Ве уверувам дека со малку креативност ќе станеме пристојна туристичка дестинација. Скопје има голем неискористен потенцијал за развој на туризмот кој мора да се искористи и ќе се искористи на вистински начин на кој сите придобивки најмногу ќе ги почувствуваат граѓаните на Скопје“ рече Шилегов.