Македонските два комерцијални аеродроми бележат значаен раст на бројот на летови и превезени патници, особено во летниот период
Како што пишува порталот EX YU Aviation, во периодот од јануари до март годинава, аеродромот во Скопје имал 432.620 патници што е раст за 22,6% за разлика од овој период минатата година. Само во март, аеродромот имал 156.952 патници, односно раст од 25,4%.
„Очекуваме сличен ваков раст на скопскиот аеродром како и минатата година. Со моменталната мрежа од 36 дестинации и растот на побарувачката за воздушно патување, очекуваме во есента 2018 година да стигнеме до број од 2 милиони патници.“, изјавил Алпер Ерсој, генералниот менаџер на ТАВ Македонија.
Неколку авиопревозници ќе лансираат нови услуги, односно нови летови од македонскиот главен град. На 30 мај компанијата Wizz Air ќе го постави Скопје како база на својот нов тип на авион Airbus A321 со 230 седишта, а уште еден на 15 јуни. Овие авиони ќе сообраќаат на неколку дестинации како Берлин, Париз Буево, Братислава, Келн, Ајндховен, Фридрисхафен Гетеборг, Франкфурт Хан, Хамбург, Хановер, Малме, Меминген, Нирнберг и Рим. Заедно, двата авиона ќе имаат околу 42 лета неделно.
Во споредба со минатата година, оваа година Wizz Air ќе го зголеми капацитетот во Македонија за 23% и ќе понуди околу 1,8 милиони седишта од Скопје и Охрид.
Од 1 јуни, полскиот LOT ќе започне да сообраќа шест пати неделно до Скопје, а во зимскиот период ќе продолжи со четири пати неделно. Дополнително, холандскиот авиопревозник TUI ќе лета сезонски од Дизелдорф до Скопје еднаш неделно, летајќи секоја сабота од Дизелдорф до Скопје, и секоја недела од Скопје до Дизелдорф во периодот од 7 јули до 2 септември.
Аеродромот во Охрид исто така бележи силен раст, со тоа што во првиот квартал имал 16 109 патници. Најновата рута достапна од Охрид е до Истанбул со турскиот OnurAir која започна да оперира минатиот месец, а новите најавени дестинации се до Ајндховен со TUI, Брисел со Brussels Airlines, Талин со Nordica, Мастрихт со Corendon и Варшава со Enter Air.
Во ноември, Wizz Air ќе започне да лета три пати неделно од Охрид до Виена со својот авион од типот Airbus A321. Овој авиопревозник го зголеми и бројот сезонските летови од Охрид до Лондон Лутон со тоа што од сезонска, оваа линија ќе стане редовна.
Инаку, во првиот квартал на 2018 година, најмногу патници од аеродромите во бившите југословенски земји бележи аеродромот во Белград, на второто место се наоѓа Загреб, а на третото следува Меѓународниот аеродром Скопје.