Германија ја надмина Норвешка и стана најголем европски пазар за електрични автомобили, што е знак дека купувачите во таа земја се повеќе се заинтересирани за новата технологија.
Тоа се случува во период кога Фолксваген и Дајмлер го зајакнуваат своето производство на возила на батерии за да и парираат на американската компанија „Тесла“.
Според податоците на Европското здружение на производители на автомобили, продажбата на возила со електронско полнење во Германија во првото тримесечие од годинава се зголеми за 70% на 17 574 автомобили, првпат потиснувајќи ја Норвешка од лидерската позиција.
Овој податок, како што соопшти „Блумберг“, ги опфаќа електричните автомобили, како што е моделот С на „Тесла“, како и плуг-ин хибридите, како што е Актив Тутер серија-2 на БМВ.
Низ цела Европа продажбата на електрични автомобили се зголеми за 41%, при што автомобилите со погон само на батерии бележат раст на продажбата од 35%, плуг-ин хибридите од 47%, додека купувањето на дизел возила во ЕУ се намали за 17%.