За првпат, бројот на вработени во индустријата за обновливи извори на енергија помина 10 милиони, според податоците на Меѓународната агенција за обновлива енергија (IRENA). Во 2017 година, 10,3 милиони луѓе работеле во оваа индустрија, а 60% од работните места биле во Азија, со тоа што најголем дел од работните места, односно 3,4 милиони се во секторот за соларна енергија.
Како што пишува Inhabitat, во 2017 година биле креирани околу 500 000 работни места во оваа индустрија, што е за 5,3% зголемување во однос на 2016. Држави каде има најмногу работни места во индустријата на обновливи извори на енергија се САД, Кина, Индија, Јапонија, Германија и Бразил и во овие држави се наоѓаат околу 70% од работните места.
„Обновливата енергија стана столб на ниско-јаглероден економски раст за сите влади во светот, што резултира со зголемување на работните места во овие сектори.“, изјавил Аднан Амин, генералниот директор на IRENA.
Покрај соларната енергија којашто само во Кина вработува 2,2 милиони работници, што е 2/3 од вкупниот број во светот во овој сектор), друг голем работодавач во оваа индустрија се и течните биогорива со 1,9 милион работни места, како и хидроенергијата која пак вработува 1,5 милиони работници.
Агенцијата предвидува 28 милиони работни места во оваа индустрија до 2050 година поради видливите еколошки, но и економско социјални придобивки во оваа индустрија.