Се реализираше првиот лет на ТУИ од Ајндховен до Охрид

- Advertisement -

Со воден мост во форма на виножито, ТАВ Македонија попладнево го пречека првиот лет од Ајндховен, кој пристигна на охридскиот аеродром Св. Апостол Павле и донесе 180 патници со авион од типот Боинг 737-800, на авиокомпанијата ТУИ-флај, во организација на холандскиот тур-оператор ТУИ.

Новите сезонски летови Ајндховен-Охрид-Ајндховен, почнуваат од денеска, 11-ти мај, и ќе траат до 21-ви септември. На оваа релација ТУИ ќе лета секој понеделник и секој петок, со време на пристигнување на охридскиот аеродром во 13 часот и 30 минути, и време на заминување за Ајндховен во 14 часот и 25 минути.

- Advertisement -

„Многу сме среќни што ТУИ ги проширува своите операции, носејќи повеќе патници на охридскиот аеродром, што значи и повеќе туристи на прекрасното Охридско Езеро. Се надеваме дека пакет-аранжманите на ТУИ ќе привлечат не само туристи од Холандија, туку и туристи од другите европски земји, кои ќе ги откријат природните убавини на Македонија и ќе станат нејзини редовни посетители.“, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

ТУИ веќе оперира на линијата Амстердам-Охрид-Амстердам, носејќи холандски туристи на Охридското Езеро секоја година, а Ајндховен го воведува како втора авионска конекција со охридскиот аеродром. Оваа нова авиолинија, која ќе функционира секој понеделник и секој петок, ќе ги поврзе Охрид и Ајндховен, кој е лоциран во јужниот дел од Холандија и е блиску до белгиската граница, поради што се очекува да привлече и туристи од Белгија.

- Advertisement -

Сезонските летови од Ајндховен, се очекува да донесат од 3.000 до 3.500 патници на охридскиот аеродром, додека севкупно, вклучително и со летовите од Амстердам, се очекува дека ТУИ ќе донесе 15.000 туристи на Охридското Езеро оваа година.

- Advertisement -

ТАВ Македонија има фреквентна летна сезона на охридскиот аеродром. Годинава сезоната беше отворена на 15-ти април, со пуштањето на новата авиолинија Истанбул-Охрид-Истанбул, од авиокомпанијата Онур ер.
Покрај Истанбул и Ајндховен, како нови дестинации на охридскиот аеродром во текот на летото 2018 година, ќе бидат отворени и Талин и Варшава.

Со овие 4 нови сезонски летови отворени во 2018 година, и постоечките до Амстердам, Брисел, Тел Авив и Катовице, охридскиот аеродром Свети Апостол Павле има 8 сезонски дестинации во текот на летната сезона, во периодот од април до октомври.

Во моментов, од охридскиот аеродром има 3 редовни авиолинии во текот на целата година – Базел, Цирих и Лондон. Од ноември 2018 година, Виз ер ќе ја отвори новата рута Виена-Охрид-Виена, како редовна авиолинија, оперативна во текот на целата година.

 

Сподели!
- Advertisement -