Рускиот претседател Владимир Путин денес го пушти во употреба мостот кој ќе служи како единствена врска со анексираниот полуостров Крим и ќе ја олесни изолацијата на тамошното население. Мостот е долг околу 19 километри и ќе биде најдолгиот во Европа, пишува британски Telegraph.
„Ви честитам на овој историски момент. Историски е затоа што во различни епохи, кога во Русија владееле царови, луѓето сонувале за изградба на еден ваков мост. Сега конечно благодарение на талентот и трудот на работнциите овој проект, ова чудо е направено“ изјави Путин.
Тој додаде дека мостот годишно ќе го користат околу 14 милиони патници и ќе ги доближи Крим и Русија, а полуостровот ќе почне да расте со ново економско темпо. Околу 6,5 километри од мостот се над вода и ова е еден од најсложените руски инженерски проекти. Четирите ленти од автопатот ќе бидат пуштени во употреба утре, а идната година ќе биде додадена и железничка линија по мостот. Сето тоа ќе придонесе за цената на мостот да се искачи на околу 3 милијарди евра.
Мостот претставува една симболична победа за Путин и долго очекуван потег за Крим, чии жители го поддржуваа анексирањето, но по прекинот на трговските врски со Украина се соочија со високи цени на храната и другите стоки.
Изградбата на мост преку исклучително ветровитиот проток Керч, кој ги поврзува Црното и Азовското Море, не само што е еден вид геополитичка победа, туку е и едно значително достигнување на инженерската индустрија.
Поранешниот советски мост преку протокот, кој бил изграден на основа изградена од нацистите, морал да биде расклопен во 1954 година поради оштетување. Новиот мост има 595 столбови, од кои некои се на длабочина од околу 100 метри. На мостот работеле околу 15.000 работници во период од речиси 2,5 години. Благодарение на мостот сега камиони ќе можат да го поминат растојанието од Русија до Крим за само 20 минути.