Прва награда за ФЕИТ на натпреварот ICAMES во Истанбул

- Advertisement -

Петмина студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии освоија прво место на натпреварот ICAMES 2018 (International Cultural and Academic Meeting of Engineering Students), организиран од Универзитетот Богазичи во Истанбул.

ICAMEC претставува меѓународен натпревар за инженерство и култура на кој учествуваат студенти од речиси сите континенти во светот и 23 години, традиционално, го организира Универзитетот Богазичи во Истанбул. Годинава се одржуваше од 4 до 10 мај.

- Advertisement -

Ангела Попова, Ангела Најдовска, Илија Ивановски, Ведран Симовски и Виктор Рудан, под менторство на доц. д-р Живко Коколански, изработија проект, симулација од областа на енергетска ефикасност за зградата на ФЕИТ која ги интегрира конвенционалните и обнобливите извори за енергија.

„Симулацијата е изработена во графичкиот програмски јазик LabVIEW и користи реални податоци од консумацијата на енергија на зградата на ФЕИТ за формирање неколку сценарија за заштеда на енергија и зголемување на енергетската ефикасност“, објаснува доц. д-р Живко Коколански. Тој дополнува:

- Advertisement -

„Вообичаено на натпреварот учествуваат околу 100 студенти од 20 различни земји и тие се натпреваруваат на избрана тема од областа на инженерството. Натпреварот се реализира во три категории, односно конкретен проект, симулација и концепт, но се доделува и една тематска награда на конференцијата, која годинава беше ‘Зелена енергија’. Покрај официјалниот натпревар, се организираат и голем број социјални настани за интеркултурално зближување“.

„Наградата е доказ за одличните услови за практична и теоретска работа на Факултетот за елекротехнички и информациски технологии“, вели деканот на ФЕИТ проф. д-р Димитар Ташковски.

- Advertisement -

Проектната задача се однесува на анализа на енергетската ефикасност на зградата на ФЕИТ според неколку релевантни критериуми: интеграција на обновливи извори за енергија, енергетски ефикасна фасада, намалување на врвна ангажирана моќност, енергетски ефикасно осветлување и друго. Овие критериуми се имплементирани во симулација која користи реални податоци и работи во реално време. Податоците се добиени од системот за менаџирање на енергија на ФЕИТ, кој непрекинато собира информации веќе две години. Во зависност од соодветниот критериум симулацијата предвидува намалување на расходите по основ на електрична енергија, и претставува добра основа за понатамошни истражувања кои дипломците и магистрантите на ФЕИТ може да ги искористат.

„Задоволство е што сме дел од една образовна институција како ФЕИТ, како и од укажаната можност успешно да го претставуваме ФЕИТ на натпревар од ваков ранг. Нашите симулации покажаа дека со рационално користење на електричната енергија ФЕИТ може да заштеди над 30 проценти од расходите. Се надеваме дека овој проект ќе биде инспирација за останатите студенти, како и за менаџментот на факултетот да ги примени нашите истражувања во пракса“, велат студентите кои работеа на проектот.

Годинава на ICAMES 2018 партиципираа околу 70 учесници од 18 земји од светот, меѓу кои и Канада, Колумбија, Египет, Италија, Бангладеш, Украина, Индија, Македонија и др.

Сподели!
- Advertisement -