Извршниот директор на Boring Company, Tesla и SpaceX, Илон Маск, фрустриран затоа што доцни на компаниски состаноци поради метежот на автопат, го нарече сообраќајот во Лос Анџелес седмиот или осмиот круг од пеколот. Токму затоа пред две години тој реши да оди длабоко под земја за да го најде решението за проблемот и да изгради автономен високобрзински Hyperloop систем.
Тоа го знаевме и претходно, но новина е тоа што превозот со тој Hyperloop ќе чини само 1 долар, пишува Mashable. Властите на Лос Анџелес ги одобрија тестирањата во моментално изградениот тунел долг околу 4 километри, а пред некој ден Маск соопшти и дека метро системот на Лос Анџелес ќе соработува со Boring Company.
Тој истакна дека под Лос Анџелес во иднина ќе има километри и километри подземни пруги со мини станици големи колку едно паркинг место преку кои патниците ќе се симнуваат во подземјето во посебни кабини. Тој вети дека патувањето од центарот на Лос Анџелес до стадионот на Доџерс, со максимална брзина од 240 км/ч, кое ќе трае само 8 минути, ќе чини само 1 долар.
Долгорочниот план на Маск е со Hyperloop да поврзе градови како, на пример, Сан Франциско со Лос Анџелес, Њујорк со Балтимор итн, а за таа цел тој ќе ја искористи техниката за правење ракети на SpaceX за изградба на вакуум тунелите каде што ќе може да се вози со брзина до 480 км/ч.