Паметната облека допрва ќе се развива, иако за прв пат како термин се појави во 2015 година. Полека гледаме се повеќе компании кои си поигруваат со концептот на конектирана и паметна облека. Тука не зборуваме за гаџети кои се носат на раце, на нозе или на глава, туку за облека која ги следи сите наши движња, нашите емоции, па дури и плаќа за нашето утринско кафе, а сето тоа без да посегнеме по телефонот или паметниот часовник. Но, која е најдобрата паметна облека која може да се купи сега? Еве неколку од највпечатливите примери за таква облека.
Nadi X хеланки за јога
Јогата е тешка, особено ако сте почетник. Како да го движите телото? Како да се задржувате на секоја позиција подолго време? Доколку немате добар инструктор или ако се обидувате сами да почнете да вежбате, ќе се почувствувате изгубени. Стартапот од Сиднеј Wearable X’s Nadi X pants, сака да го смени тоа. Хеланките за фитнес имаат вградени вибрации кои лесно пулсираат на колковите, колената и зглобовите за да ве поттикнат да вежбате. Се синхронизира преку Bluetooth со телефонот и преку посебна апликација ви дава дополнителен фидбек. Ги има во повеќе величини и во четири разлини стилови: Midnight, Midnight со црно, црно-бела варијанта со мрежа и сино-сива варијанта со мрежа.
Polar Team Pro маичка за спортисти
Производителот на GPS спортски часовници сега се испробува на полето на паметната облека со паметна маичка за компресија која е дизајнирана за сериозни спортисти. Маичката има точки каде што се мери срцевиот ритам на предниот дел, а на задниот дел има GPS сензор со кој корисниците ќе можат во реално време да го следат сопственото движење. Благодарение на интегрирањето со системот на Polar Team Pro корисниците можат да емитуваат свои податоци во реално време, да дозволат други спортисти и тренери да ја следат нивната кондиција и нивото на спремност.
Lumo Run сет од хеланки и шорцеви
Од производителите на Lumo Lift следачот на држењето на телото, овој паметен сет облека е наменет за професионални тркачи затоа што е опремен со сензори кои следат повеќе метрички податоци како што се: ритамот на трчање, контактот со земјата, должина на чекор. Оваа паметна опрема за трчање овозможува тренинг во реално време така што веднаш испраќа фидбек преку слушалки за да се подобри некој елемент од трчањето и ги намалува шансите за повреда. Притоа, со само едно полнење можете да ги користите еден месец.
Јакна Project Jacquard на Google
Levi’s креираше футуристичка јакна која не само што ќе ве затопли туку е како продолжена рака на вашиот мобилен телефон. Commuter Trucker Jacket е дизајнирана со помош на Google и користи висока технологија за да се поврзе со паметен телефон. Доколку само го протриете ракавот на јакната можете да паузирате или да прескокнете песна или да ги активирате Google maps без да го вадите телефонот. Јакните ја содржат технологијата Jacquard, која го носи името по Французинот кој измислил едeн вид разбој. Изгледа како обична јакна, но во неа има еден куп жици. Има и ЛЕД светилка и вибрации на ракавот кои се активираат кога ви ѕвони мобилниот телефон или ви стигнала некоја порака.
Паметен спортски градник Supa
Технолошкиот стартап на Сабин Сејмур, Supa, направи комбинација од флуоресцентни бои, сензор за следење на работата на срцето и вештачка интелигенција за да ви го направи вежбањето поперсонализирано. Градникот е водоотпорен и се синхронизира со апликацијата Supa.AI преку Bluetooth. Користи невидливи биометриски сензори и вештачка интелигенција за не само да ве следи во вежбањето туку да го следи и нивото на УВ зрачење од сонцето. Градникот го има во три величини: мал, среден и голем и во три различни стилови: со риги, сина нијанса и шарен.
Паметни боксерки Spartan
Зрачењето од паметните телефони кои ги користиме секојдневно може да биде доста штетно по нашето здравје. За таа цел боксерките за мажи наречени Spartan ги штитат репродуктивните органи од штетното зрачење. Боксерките имаат способност да блокираат дури 99% од зрачењето, а при тоа доаѓаат со модерен и минималистички дизајн, изработени од антибактериски материјал.
Се работи за материјал со WaveTech технологија дизајнирана специјално за блокирање на зрачење од дигиталните уреди. Ваквиот материјал во комбинација со влакна од чисто сребро вметнати во пакумот на боксерките, делуваат како Фарадеев кафез.
Паметна облека Skiin со која ги контролирате уредите во домот
Компанијата за паметна долна облека Myant почна да прима нарачки за својата линија паметна облека Skiin. Skiin е составена од градници и долна облека кои се опремени со технологија која следи што се случува во вашето тело и можете да го контролирате паметниот дом. Технологијата е слична на јакната Jacquard на Google и Levi’s, односно има еден куп сензори кои се вктаени во материјалот и секое парче облека има мал модул кој може да се острани и да се полни безжично.
Секое парче облека на Skiin има по 6 сензори кои го следат срцевиот ритам, температурата на телото, притисокот и движењата, како и нивото на маснотии и хидрација на телото. Податоците кои ги собираат постојано се анализираат и се испраќаат до апликацијата за телефон
Spinali Design паметни бикини
Француската компанијата за мода и технологија е зафатена со креирање конектирана облека, вклучувајќи фармерки, фустани и бикини. Колекцијата костими за капење Neviano UV Protect е опремена со водоотпорен сензор во стил на медалјон кој ве спречува да поминете премногу време на сонце. Кога во апликацијата за iOS или Android ќе внесете каков тип кожа имате, костимот за капење постојано ќе ја следи температурата во текот на денот и ќе ви испраќа предупредувања кога е време да нанесете повеќе крема за сончање или да се тргнете под сенка.
Паметни чорапи за бебиња Owlet Smart Sock 2
Втората генерација Owlet Smart Sock користи технологија за оксиметрија на пулсот која се користи во болниците за следенње на срцевиот ритам на новороденчињата. Така секогаш ќе бидете сигурни дека бебето спие нормално и не му прекинало дишењето во текот на сонот. Ги има во три величини, се полнат на базна станица и се синхронизираат со iPhone или Android телефон за да ви даваат податоци во реално време. Конекцијата преку Bluetooth е возможна до растојание од 30 метри, а благодарение на платформаата Connected Care може потенцијално да се идентификуваат освен нерегуларности во сонот и респираторно-синцитијален вирус, пневмонија, бронхиолитис, хронични болести на белите дробови и срцеви маани.
Sensoria паметни чорапи за трчање
Sensoria чорапите за трчање детално го следат вашето трчање и нудат информации за темпото, растојанието, времето и стилот на трчање. Чорапите може да им помогнат на корисниците да фи ја подобрат формата благодарение на вештачка интелигенција, која дејствува како тренер, а тоа ќе резултира со подобро време на трчање и намален ризик од повреди. На чорапите се поставени три сензори кои реагираат на притисок и го мерат притисокот кој се врши врз стапалото додека трчате. Новиот Sensoria Core модул, кој е главниот „мозок“, сега е помал и полесен отколку првичниот.
Паметни чорапи за дијабетичари Siren
Научници произведоа паметни чорапи кои преку вградени сензори ја мониторираат температурата на нозете и помагаат со потенцијални рани на нозете кои можат да се појават кај дијабетичарите. Чорапите наречени Siren би требало да се носат секој ден со цел да се добијат конзистенти податоци. Благодарение на сензорите, податоците ќе можете да ги читате на апликација на вашиот телефон која исто така ќе ви праќа известувања доколку на одреден дел од стапалото почнува да се создава рана.
Чорапите содржат специјален ластик кој не ја лимитира циркулацијата на крвта, микро сензори кои ја мерат температурата на нозете, материјал кој ги одржува нозете суви и спречува создавање на бактерии и дебел слој на дното од чорапите кои го намалува притисокот од чекорењето. Идејата е да се спречи настанувањето на повреди пред да биде доцна затоа што воспалението на некоја рана може да доведе до појава на чирови.
Samsung NFC паметен костум
Samsung длабоко навлезе во технологијата за паметна облека и веќе ја претстави својата паметна маичка за вежбање Body Compass. која следи биометриски податоци. Но, корејскиот гигант го направи и паметниот NFC костум со соработка со компанијата Rogatis, кој му овозможува на корисникот без да допира ништо да го отклучи телефонот, дигитално да користи картички и да ги активира гаџетите во канцеларија или дома.
Neopenda паметна капа за бебиња
Ова е навистина спасоносна паметна облека за бебиња. Монитор за витални знаци е поставен во капата на Neopenda и е наменет за новороденчиња. Може да ја следи температурата, срцевиот ритам, дишењето и количината кислород во крвта. Капата е дизајн на њујоршкиот стартап Neopenda, основан од двајца биомедицински инженери од Универзитетот Колумбија. Безжично преку Bluetooth на еден таблет можат да се синхронизираат до 24 капи за бебиња. Идејата е докторите и сестрите да можат да ги следат виталните знаци на бебињата од една цела соба и да добиваат известувања доколку има промени на температурата, срцевиот ритам или слично.