Кинески истражувачи создадоа тапети кои служат како аларм за пожар

- Advertisement -

Истражувачи од Институтот за керамика во Шангај и Кинеската академија на науки открија нешто што го нарекуваат тапети за детектирање пожар, кои не само што можат да детeктираат пожар во домот, туку дури помагаат да се ограничи ширењето на пожарот. Тапетите се направени од хидрокси-апатит, односно материјал кој се среќава во коските и забите, а е отпорен на пожар. Сепак, „интелигенцијата“ на тапетите доаѓа главно од графен-оксидот кој се додава во тапетите.

Графен-оксидот е термосензитивен материјал кој е одличен електричен изолатор на нормални температури, а спроведува електрицитет кога ќе се загрее. Тоа значи дека може да се искористи за активирање аларм во присуство на топлина и негова потенцијална употреба за детекција на пожари, пишува New Atlas.

- Advertisement -

Сепак, овој изум засега има свои маани. На пример, сензорите можеле да издржат само 3 секунди, иако кога ги модифицирале со полидопамин траеле 5 минути. Но, и тоа е многу кратко време за реална употреба, освен ако се користи заедно со конвенционални детектори за пожар.

Истражувачите велат дека сензорите реагираат на топлина по само 2 секунди, а може да се заштитат од директен оган ако се стават на задната страна на тапетите. Водечкиот истражувач на проектот, Јинг-Џи Жу, вели дека во споредба со комерцијалните запалливи тапети, овие огноотпорни тапети се супериорни.

- Advertisement -

„Огноотпорните тапети се во бела боја, имаат задоволителна јачина и голема флексибилност, а може да се прават во различни форми, да се обојат со различни бои или да се испечатат со комерцијален принтер. Токму затоа тапетите кои детектираат пожар, освен за декорација во домовите, имаат потенцијал за широка примена“, објаснува Џу.

Иако, природно, хидрокси-апатитот е кршлив, тимот веќе откри дека може да се извлече во долги нишки и полесно да се користи за производство на тапети. Тие се надеваат дека технологијата ќе може да се адаптира за други типови употреба како за зачувување на битни документи, за добивање енергија, за прочистување на воздухот, третирање на вода, заштита на животната средина, флексибилна електроника, биомедицина итн.

Сподели!
- Advertisement -