Отворена е првата фабрика во Македонија за производство на фотоволтаични соларни и термални панели, домашна инвестиција на компанијата Пиксел груп во партнерство со Солар пауер.
Во новиот капацитет на површина од 1.500 метри квадратни, лоциран во кругот на поранешната фабрика „Раде Кончар“ во Скопје, ќе се произведуваат 20 мегавати годишно фотоволтаични панели.
„Ако во Македонија досега се инсталирани 18 мегавати за последните 10 години, ние во Пиксел сме во можност без проблем да произведеме 20 мегавати за една година. Доколку пазарот побара повеќе со мала интервенција за максимум три месеци можеме да го удвоиме капацитетот на 40 мегавати годишно“ рече денеска на отворањето на фабриката Горан Паунов, генерален директор на Пиксел груп.
Тој најави дека до крајот на годината ќе инвестираат пет милиони евра и оти бројот на веќе ангажираните 20 вработени ќе се зголемува зависно од потребите за воведување двосменско и трисменско работење.
Според премиерот Зоран Заев, владата со економскиот тим успеала да создаде стабилен и поволен економски амбиент и работи и понатаму многу нови домашни инвеститори да можат да почувствуваат сигурност и да влезат во нови инвестиции.
„Определба на владата е во енергетските политики да го зголемиме домашното производство на електрична енергија и да ги искористиме сите капацитети и природни потенцијали што ги имаме на располагање“ рече Заев, укажувајќи оти со новиот Закон за енергетика, меѓу останатото, се отвораат нови можности секое домаќинство да има можност да инсталира сопствена фотоволтаична централа на кровот од својата куќа и директно да произведува и користи електрична енергија од сонцето.
Како што потенцираше, ваквите високотехнолошки инвестиции отвораат работни позиции за млади висококвалификувани кадри. „Во овие новоотворени производствени погони ќе се произведуваат фотоволтаични панели од кои понатаму ќе се произведува електрична енергија од сонцето. Особено е важен придонесот што оваа компанија ќе може да го даде и во трансферот на знаење и како креирање нова конкурентска предност на регионален европски зошто не и светски пазар“ посочи Заев.
Паунов соопшти и дека неколку домашни реномирани компании веќе направиле нарачка за првите македонски фотоволтаични панели чин со кој се препознава важноста на домашните брендови за развој на економијата.
„Од овие фабрички хали ќе се произведува и првиот фототермален панел преку партнерската компанија Солар М која ќе го користи фотоволтаикот произведен во Пиксел Груп ќе го вградува најдобриот апсорвел што самата ќе го произведува и како финален продукт ќе го произведува фототермалот, прв производ од ваков вид во Македонија и на Балканот“ рече Паунов.
Производствениот капацитет е отворен преку партнерство со водечки добавувачи на опрема.