Конкурс за поддршка на зелени бизнис идеи кои се иновативни, поттикнуваат развој на екологијата, промовираат традиционална изработка на производи и користат ресурси од локалната заедници, четврта година по ред спроведува Здружението за социјални иновации „АРНО“.
Рокот за пријавување е до 20 јуни годинава, а учесниците може да освојат до 10.000 долари на регионално ниво.
Конкурсот ќе биде презентиран на промотивен настан кој ќе се одржи на 29 мај во „Јавна Соба“, со почеток во 12 часот. Настанот е јавен и бесплатен, и не е потребна регистрација.
„Филантропија преку зелени идеи“ е годишен конкурс кој поддржува развој на мали, локални и зелени, одржливи бизнис идеи во Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина. Македонија годинава е домаќин на регионалниот натрпевар на кој по тројца победници на националните конкурси од секоја земја ќе се натпреваруваат за награда од 10.000 долари за реализација на идејата во својата земја.
Минатата година Македонија имаше дури два победника и тоа еко-магионичарот Кристиан Шопов познат со неговата моментална иницијатива „Хокус Покус-рециклирањето е во фокус“ и стартапот „Храна за сите“ кој нуди онлајн продажба и донација на непродадена храна од угостителските објекти.
Деталите за конурсот може да ги најдете на следниов линк.