Хрватските производители сфатија дека на потрошувачите им е битно да купуваат производи од хрватски фарми и затоа воведоа единствена апликација. Сега нема да има простор за измама, и во големиот избор од овошје и зеленчук на пазарот лесно ќе може да се препознае домашното благодарение на QR кодот кој го има PID (Producer ID – идентитет на производител).
Благодарение на дигиталната платфрома VeeMee, купувачите отсега можат да го скенираат домашното овошје и зеленчук преку апликацијата и така да ги дознаат сите детали за потеклото на храната – кој го произведува овошјето, каде, на кој начин и уште многу детали, пишува Poslovni Puls.
Земјоделецот Хрвоје Грегуриќ, претседател на Заедницата на здруженија на хрватски овоштари, изјави: „Од која локација доаѓа, за која сорта станува збор, со кои средства се третира, какво ѓубриво се користи итн. Она што ние сакаме е да се истакне потеклото на производите. Од мноштвото производи кои честопати се декларирани како домашни, всушност се увозни. На крај мора да бидеме свесни дека 70% од производите во продавниците се увезени“.
Означеното овошје може и да се извезува, па купувачите од странство можат да видат каде и како се произведува овошјето во Хрватска.
„Бидејќи станува збор за платформа, со самата аналитика на податоците која ќе ја собираме од хектар површина, ние ќе можеме да пресметаме колкава е продуктивноста на хрватското земјоделство и ќе можеме да понудиме насоки за напредок на домашното земјоделство“, вели Марко Козјак, соосновач на компанијата VeeMee.