Европската унија го претстави предлогот за целосна забрана на пластиката за еднократка употреба за да придонесе кон борбата за заштита на водниот живот, пишува BBC. Предвидено е забраната да се однесува на употреба на пластични сламки за пиење, пластичен прибор за јадење, стапчиња за чистење на уши, стапчиња за балони и друг вид на платика за еднократна употреба.
Од комисијата ќе настојуваат и сите пластични шишиња кои се употребуваат да бидат собрани за рециклирање најдоцна до 2025 година. За да може забраната да стапи во сила, потребна е согласност од сите 28 земји-членки на Унијата.
Унијата проценила дека забраната ќе помогне за спречување на 3,4 милиони тони на јаглеродни емисии, заштита на околината што би чинела 22 милијарди евра до 2030 година, како и заштеда на купувачите за 6,5 милијарди евра.
„Пластичниот отпад е огромен проблем, а жителите на ЕУ мора да делуваат заедно за решавање на проблемот. Овој предлог ќе го намали количеството на пластика за еднократна употреба преку различни мерки, со тоа што забранетите производи ќе бидат заменети со производи изработени од алтернативни материјали.“, изјавил Франс Тимерманс, заменик претседател на Комисијата.
Доколку се усвои законот за забрана, земјите членки ќе треба постепено да ги исклучат овие предмети од употреба. На производителите на ваквата пластика за еднократна употреба ќе им бидат понудени некој вид на субвенции за да се поттикне производство со алтернативни и одржливи материјали.