На иницијатива на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) на Република Македонија, претставувана од директорот, Љупчо Јаневски денеска се оствари средба со претставници на Здружението на глуви и наглуви на општина Охрид.
На работниот состанок директорот Јаневски предложи потпишување на Меморандум за соработка, преку кој ќе се дефинира рамката на активности кои во иднина ќе се преземат, со заедничка соработка на двете страни.
По потпишување на меморандумот, се иницираше реализација на пренесувањето на знаковен јазик на веќе изработените промотивни видеа за Македонија, за кое и двете страни изразија желба.
Инаку, членовите на Здружението на глуви и наглуви на Охрид, преку тековни активности во одредени сегменти, веќе се вклучени во туризмот и имаат реализирано повеќе настани со туристичка содржна.
Приоритет на активностите е да се создадат можности за интеграција на глувите и наглувите лица во туристичката промоција на Македонија и зајакнување на нивната социјална и општествена вклученост.
Соња Костадиновска Петковски, вработена во Агенцијата за туризам веќе започна со изучување на македонскиот знаковен јазик и на денешниот состанок со Марија Пупоска најубавата глува девојка во Македонија и втора најубава во светот, комуницираа преку истиот.
Пораката која ја поддржува Агенцијата за туризам е дека преку заедничка соработка со институциите ќе се овозможи зголемување на вклученоста на глувите и наглувите лица во секојдневните активности, особено на оние од областа на културата, како и развивање, истражување, подигање на повисоко ниво и афирмирање на македонскиот знаковен јазик, кој е законски признат.