Bee Saving Paper е „енергетски пијалак за пчели“

- Advertisement -

Урбаниот развој и индустријализацијата оставија лоши последици врз пчелите. Според иницијативата City Bees, тие сега мора да летаат на подолги релации, што има голем ефект врз намалувањето на нивниот број. Оваа иницијатива смета дека има решение – нивната биоразградлива хартија Bee Saving Paper функционира како енергетски пијалак за пчели, пишува Inhabitat.

Од вкупно 469 видови пчели во Полска, 222 вида се на работ на истребување, а оваа тажна приказна е реалност во голем дел од светот. Иницијативата City Bees соработуваше со огранокот на глобалната агенција Saatchi & Saatchi во Варшава, со компанијата за производство на хартија Manufaktura Papieru Czerpanego w Kobyłce, со занаетчии кои работат со хартија и со експерти за ентомологија за да ја креира хартијата Bee Saving Paper, од која може да се направат многу производи со повеќекратна употреба – кеси, држачи за чаши, чинии за пикник и многу др. 

- Advertisement -

Како функционира оваа хартија? Создадена е со енергетски богата глукоза, која не ја прави хартијата леплива, туку само привлечна и вкусна за пчелите. Во хартијата се ставени и семиња од растението фацелија танацетифолија (Lacy Phacelia), додека УВ боја базирана на вода помага да се привлечат пчелите на хартијата. Бојата се става во шеми кои на пчелите им личат на ливади со цвеќиња. Дизајнерите се надеваат дека пчелите ќе ја јадат глукозата, а семињата во хартијата ќе ги пренесат на места каде што ќе никнат цвеќиња. 

„Успеавме да ја направиме првата хартија која природата ќе сака да ја користи. Знаеме дека нашата иновација сама по себе нема да го реши глобалниот проблем со падот на популацијата на пчели, но се надеваме дека барем ќе ги натера луѓето да сфатат колку се битни пчелите за нас“ велат креаторите. Оваа хартија досега ја тестирале со пчелари и сега се подготвени да соработуваат со големи брендови и масовно да ја произведуваат. Повеќе информации може да се најдат на нивната веб страница http://www.beesavingpaper.com/.

Сподели!
- Advertisement -