Албанија добива национален авиопревозник од летово, компанија формирана од албанска инвестициска компанија заедно со Turkish Airlines. Air Albania прво ќе почне да сообраќа на рути во Европа, а веќе од декември е најавено дека ќе воведе и трансатлантски рути, пренесува Balkan Insight.
Авиопревозникот е создаден по иницијатива на албанската Влада која минатиот месец го задолжила националниот воздушен контролер AlbControl да ги води преговорите меѓу Turkish Airlines и инвестициската компанија MDN Investment. Компанијата MDN Investment била регистрирана на 3 мај и не поседувала претходен капитал, ниту пак искуство со воздушен сообраќај.
Сопственикот на компанијата Синан Идризи изјавил дека авиопревозникот ќе биде доста агресивен на пазарот, а вработените во AirAlbania моментално се на обуки во Турција. Капиталот со кој MDN Investment влегол во договорот за албански национален авиопревозник е 100.000 евра.
Според одлуката на албанската влада, AlbControl и MDN Investment заедно ќе имаат 51% удел во компанијата, а останатиот удел ќе го има Turkish Airlines. Според најавите на албанскиот премиер Еди Рама, освен што ќе започне да функционира албански национален авиопревозник, планирано е да се изгради и аеродром во Валона.