Најсреќниот народ во светот се Финците, додека Македонија се наоѓа на 89. место од 156 анализирани држави.
Кога станува збор за поранешните југословенски држави, зад нас се наоѓа единствено Босна и Херцеговина, додека останатите поранешни југословенски држави се наоѓаат погоре на листата од нас, покажува најновото Светско истражување за среќа за 2018 година. Истражувањето кое го направи Медиа Галуп, покажува дека Финците се најсреќниот народ, но граѓаните на таа земја не се согласуваат со таквата оценка.
„Финците, но и останатите нордиски народи по природа се интровертни, тешко ги покажуваат емоциите. По тие одлики, тие се целосна спротивност на Латино Американците, на пример, кои имаат бурни реакции,“, изјавил Маик Викинг, директор на институтот „Happiness Reasearch”, пренесува „БиБиСи“.
Веднаш зад Финска се наоѓаат Норвешка, Данска, Исланд и Швајцарија. Кога станува збор за останатите земји од ЕУ, најсреќни се жителите на Австрија, кои на оваа ранг листа го заземаат високото 12 место. Зад нив се Германците, на 15. место.
Професорот на Универзитетот Британска Колумбија – Џон Халивел и еден од уредниците на Светскиот извештај за среќа, објаснил дека во ова истражување не станува збор само за емоции, туку дека оваа анализа повеќе се однесува на задоволство во квалитетниот живот и уредениот систем.
Бруто домашниот доход по глава на жител придонесува за квалитетот на живот и го продолжува животниот век. Но го продолжува и сознанието дека се грижите за некој, дека знаете оти има некој кој ќе ви помогне и слобода да донесе одлука. Значи, овде станува збор за доверба и широкоградост, а Финска високо рангира по овие критериуми..
Каде е Македонија, а каде се поранешните југословенски републики?
Како и во многу истражувања, и во ова, Словенија, кога станува збор за поранешните југословенските републики е најдобро рангирана и се наоѓа на “високото“ 51. место. Зад неа на 78. место се наоѓа Србија.
Нешто “понесреќни“ се граѓаните на Црна Гора која се наоѓа на 81. место, а Хрватска на 82. место. Зад Македонија која се наоѓа на 89. место се наоѓаат само жителите на Босна и Херцеговина, кои го заземаат 93. место.
Во извештајот од минатата година, Македонија се наоѓаше на 92. место од вкупно рангирани 155 држави.