Пластиката е дел од многу производи денес, вклучително и кредитните картички. American Express планира да ги направи првите кредитни картички направени од пластика собрана од океаните во соработка со организацијата Parley for the Oceans. Компанијата исто така се обврза да ја намали употребата на пластика за еднократна употреба.
Картичката на American Express ќе биде направена главно од пластика собрана од бреговите и од океаните, а целта ќе и биде да ја подигне свеста на луѓето за загадувањето на океаните. Во соопштение за печат од компанијата изјавија дека картичката во моментот е прототип, но треба да биде готова за една година, пишува Inhabitat.
Филозофијата на организацијата Parley, „Избегни, прекини, редизајнирај“ (Avoid, Intercept, Redesign – AIR), исто така ја инспирираше компанијата American Express да ја ограничи употребата на пластика за еднократна употреба, да го намали пластичниот отпад и да ги редизајнира постојните материјали и пластични производи. За околу еден месец отсега American Express ќе престане да употребува пластични сламки во претставништвата на аеродромите, а ќе ја исфрли пластиката за еднократна употреба до крајот на 2018 година. Исто така, ќе организира годишни чистења на речни корита и крајбрежја.