Приватната компанија Blue Origin, основана од Џеф Безос, извршниот директор на Amazon, најави дека планира да почне да продава билети за вселенски летови за туристи од идната година. Не истакнаа колку ќе чинат билетите, но изјавија дека наскоро очекуваат да се остварат првите тест-летови.
Оваа најава од Blue Origin ја направи потпретседателот на компанијата, Роб Мејерсон, во текот на своето обраќање на самитот за веб услуги од јавниот сектор на Amazon, кој се одржа неделава во Вашингтон, пишува Gizmodo.
„Планираме да почнеме со првите тест-летови. Очекуваме дека ќе почнеме да продаваме билети до 2018 година“ и кажа Мејерсон на публиката. Иако не наведе конкретна цена, сигурно билетите ќе бидат далеку од евтини. Според некои проценки, цената веројатно ќе се движи од 50.000 до 250.000 долари.
Тие коишто ќе можат да си дозволат вакво патување навистина ќе уживаат. Новата капсула New Shepard собира шестмина астронаути и има површина од околу 50 квадратни метри и е 10 пати поголема од капсулата Mercury на НАСА. Новата реупотреблива ракета New Shepard има еден мотор BE-3.
Кога капсулата ќе ја помине Кармановата линија, односно границата меѓу атмосферата на Земјата и вселената, која е околу 97 километри над Земјата, патниците ќе можат да ги откопчат појасите и да видат како е да се лебди во безвоздушен простор. Мисијата завршува со спуштање со падобран во пустината во Тексас.
Blue Origin допрва треба да спроведе тестови со капсулата New Shepard со човечки екипаж. Досега компанијата има спроведено осум тестови, од кои последниот беше во април. Нема најава кога ќе биде наредниот тест-лет, но веројатно ќе биде подоцна летово. А кон крајот на годинава ќе се тестираат вселенски летови со патници.