Смарт-картичките за патарина ќе бидат бесплатни, а плаќањето со нив со попуст

- Advertisement -

Смарт-картичките за плаќање на наплатните рампи нема да се плаќаат, ќе можат да се надополнуваат преку интернет апликации, а ќе ги има на секој граничен премин, наплатна рампа или бензинска станица, пренесува Независен.

Еден месец пред почетокот на електронската наплата на надоместокот за патарина, од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека системот е подготвен да функционира на сите наплатни рампи на Коридорот 10.

- Advertisement -

Изградбата на рампата Романовце е целосно завршена, а системот е веќе инсталиран. На другите рампи на Коридорот 10, Петровец, Сопот, Отовица и Градско во завршна фаза се реконструкцијата и инсталирањето на системот за електронска наплата. Во прво време наплатата во готовина и со смарт- картичките ќе се одвива паралелно, но на различни ленти. За тие што ќе плаќаат во готовина ќе важат сегашните цени на патарина, а за оние што ќе плаќаат со картичка ќе има и попуст.

Целта, според директорот на јавното претпријатие Зоран Китанов, е возачите и превозниците што побргу да ги увидат предностите на електронското плаќање и да се преориентираат кон употреба на картичките и микробрановите транспондери.

- Advertisement -

„Од следниот месец во употреба влегуваат припејд-картичките и таговите, наменети за камиони и други превозници. Пластичната картичка се набавува само еднаш и потоа само ќе се надополнува. Нема да се купува, туку ќе чини онолку колку што ќе има кредит на неа. Постпејд-картичките ќе стартуваат од есен.“, вели Китанов.

Опцијата за бесконтактно плаќање со тагови на превозниците ќе им биде на располагање од идниот месец. Ќе функционира со специјални лепенки со сериски број, кои ќе се ставаат на предното ветробранско стакло. Системот на рампата, како што ќе се приближи возилото, од далечина ќе го отчитува бројот и автоматски ќе ја отвори рампата. Таговите ќе се продаваат по цена од 1.000 до 1.200 денари, а ќе имаат важност од седум години.

Сподели!
- Advertisement -