ГТЦ ќе добие зелен кров – иновација за справување со климатските промени

- Advertisement -

Во склоп на проектот „Отпорно Скопје: поголема одржливост и иновации за справување со климатските промени”, ГТЦ ќе добие зелен кров, најавија градоначалникот Шилегов и Луиза Витон, постојана претставничка на УНДП во Македонија

Тие вчера потпишаа договорот за соработка помеѓу Град Скопје и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) за реализација на проектот кој опфаќа активности од областа на заштитата на животната средина, особено заштитата од климатските промени и зголемување на отпорноста на Скопје, но и активности за воведување иновативни пристапи во секојдневната работа и поефикасни услуги за своите граѓани.

- Advertisement -

„Со потпишувањето на овој договор Градот Скопје се обврзува да обезбеди подобра животна средина, да ја штитиме природата и биодиверзитетот во градот и во околината, да ги подобриме условите за живот, да преземеме активности за справување со климатските промени и да ги вклучуваме граѓаните во носењето на одлуките и следејќи ги нивните потреби да обезбедиме подобар живот за сите.“, изјави Шилегов.

Тој додаде дека активностите за изградбата на зелен кров се во процедура и се очекува овие административни работи да се финализираат до крајот на годината, а самата реализација на зелениот кров да почне веќе од следната година.

- Advertisement -

„Оваа година Градот Скопје има предвидено засадување и на 10.000 нови висококвалитетни листопадни, како и над 2.000 зимзелени садници на територијата на Скопје.“, дополни Шилегов.

- Advertisement -

Постојаната претставничка на УНДП во Македонија, Витон изјави дека со овој договор се продолжува и интензивира соработката со Градот Скопје, која изминативе неколку години резултира со изработката на поголем број студии, стратегии, како и отворањето на Центар за иновации на Град Скопје „Скопје Лаб“.

„Потпишувањето на овој договор е продолжување на едно многу продуктивно партнерство кое го имаме со Градот Скопје. Со овој договор нашата соработка се продолжува за период од 18 месеци, а истиот е во вредност од 720.000 долари. Активностите на овој проект ќе се одвиваат во две насоки, првата е подобрување на еколошката одржливост на градот, каде што ќе продолжиме да работиме на научни истражувања, а резултатите од овие научни истражувања ќе ги имплементираме преку реализација на пилот-проекти.“, кажа претставничката на УНДП, Витон.

Сподели!
- Advertisement -