Словенечката влада која моментално е во заминување, во текот на својот четиригодишен мандат преку посебна апликација добила околу 2 600 предлози за закони поднесени од страна на граѓаните, пренесува B92.
Повеќе од 2 000 предлози биле сериозно разгледани од страна на релевантните министерства и служби, а со позитивен резултат завршиле 22 граѓански законодавни иницијативи.
На пример, на иницијатива на граѓаните биле укинати даноци за набавка на возила за лица со хендикеп, била поедноставена постапката за идентификација на сведоци во судовите и биле воведени построги казни за оние кои ќе ја прекршат забраната за продажба на алкохол на малолетници. Покрај тоа биле воведени и паркинг-места за бремените жени и мајките со мали деца.
Апликацијата некои граѓани ја искористиле и за необични иницијативи, како на пример идејата дека јавните службеници не треба да користат парфем на работното место, а на млекарите да им се забрани производство на индустриски кајмак, но тие не биле прифатени.
Во однос на правата на јавните службеници да користат парфем, владата на предлагачите им порача дека забраната би била тешко изводлива мерка, но дека постои можност граѓаните на кои тие мириси им пречат или се алергични да побараат од јавните служби да се обратат кај службениците кои не користат јаки парфеми.