Најсовремена опрема за производство на технички, еколошки снег ќе биде поставена на патеката „Едносед“ во ски-центарот Маврово
Опремата во вредност од околу 700 илјади евра e самостојна инвестиција на ски-центарот и ќе почне да се поставува од денеска. Во наредните четири месеци, на патеката во должина од речиси 2 километри ќе бидат поставени 18 шахти, 9 снежни топа и 4 снежни стикови. Целиот систем за правење снег ќе се раководи од компјутерски центар и ќе има 24-часовен надзор на патеката, на количеството снег и на метеоролошката состојба на самата патека. Снежењето ќе започнe кога ќе се создадат температурни услови за тоа.
„Инвестираме во опрема за создавање снег и ќе обезбедиме услови сезоната за скијање во Центарот да стартува порано од досега, односно уште пред новогодишните празници. Во однос на сегашната состојба за 30 отсто ќе го зголемиме бројот на денови за уживање на снежните патеки и скијачката сезона на Маврово ќе трае околу 100 дена во годината“, вели Огњан Циговски, извршен директор на ски центарот Маврово.
Според него, техничкиот, еколошкиот снег е многу поквалитетен за скијање во однос на природниот снег бидејќи е покристализиран, почист и не ѝ штети на природата.
Статистиката вели дека зимската сезона, во просек, почнува релативно доцна со најголем број туристи во јануари. Оваа година, во услови на доволно снег, резултира со околу 4.600 туристи, од кои 3.092 странски гости. Најслаб месец во сезоната е декември. Како што покажуваат резултатите, при лоши временски услови и поради недостиг на снег, лани пристигнале 2.154 туристи.
Кратката зимска сезона не дозволува можност за целосен развој и континуитет, со што би се овозможило таа туристичката дестинација да ги преживее периодите на ниска сезона (есен и пролет) и да инвестира и во летните пакети, вели Циговски. Затоа, техничкото снежење ќе овозможи љубителите на скијањето да имаат подолга сезона за уживање во зимските спортови.
Опремата за производство на вештачки снег се набавува од една од трите најдобрите светски компании за производство, италијанско-австриската DemacLenko (https://www.demaclenko.com).