Над 150 деца беа на „Денот на Тесла“ во организација на ЕВН

- Advertisement -

Над 150 деца имаа единствена можност да бидат дел од  едукативниот настан „Ден на Тесла“ во организација на ЕВН Македонија. Во Изложбениот центар за електрична енергија „Матка“ за прв пат се одбележаа 162 години од раѓањето на големиот светски научник, иноватор и футурист Никола Тесла.

„Главна цел на ЕВН е преку постојаното надградување на Изложбениот центар „Матка“ со нови содржини и едукација да создадеме поголем интерес кај младите за природните науки и електротехниката. „Денот на Тесла“ е само пример за тоа како преку современи и интерактивни образовни методи, светот на енергијата и иновациите можат да се приближат на најмладите“, велат од ЕВН Македонија.

- Advertisement -

Во рамки на „Денот на Тесла“ се одржаа неколку различни работилници инспирирани од животот и делото на научникот. Во првиот дел од настанот Театарот за деца и младинци од Скопје ја изведе претставата „Гига Мега Бајка“. Понатаму, децата имаа можност да учествуваат во креативната работилница за пишување, каде главна инспирација беше детството на Никола Тесла. Работилницата за млади сликари ги обработуваше неговите најголеми достигнувања, а се одржа и предавање на тема „Моќта на електрицитетот“ и беше прикажан и документарниот филм „Тесла ја користи моќта на Нијагарините водопади“.

- Advertisement -

Учесниците во вториот дел на настанот имаа можност и да изведуваат експерименти базирани на најважните пронајдоци на Тесла: радиопренос, безжичен пренос на енергија и високофреквентна наизменична струја, а истовремено помладите учесници изработуваа макети од лего коцки во духот на Тесла.

Учеството за сите заинтересирани беше бесплатно, а ЕВН организираше и превоз до Изложбениот центар Матка. Дел од „Денот на Тесла“ беа и децата од СОС Детското село, кои заедно со своите старатели земаа активно учество во сите содржини. Покрај нив, на настанот учествуваа и децата од градинките „Сумнал“ и „Грин хаус“ од Скопје. СОС Детското село додели благодарници на ЕВН Македонија за досегашната соработка и поддршка за различни активности на оваа институција.

- Advertisement -

Изложбениот центар „Матка“, е сместен во автентичната зграда на старата хидроцентрала во Матка која датира од 1938 година. Центарот, кој има работно време секој ден освен понеделник од 10 до 15 часот, има околу 30 интерактивни експонати и специјализирани водичи за тури на македонски, албански и на англиски јазик. Досега Матка ја посетија над 10.000 посетители.

Изложбениот центар „Матка“ е добитник на наградата „Музеј на годината“ која ја доделува ICOM (International Council of Museums) – Македонија, а минатата година ја доби и националната награда за општествена одговорност, што ја доделува Министерството за економија.

Сподели!
- Advertisement -