Министерката без ресор, задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска во име на Владата на Република Македонија денеска потпиша Договор за државна помош со американската компанија ТЕЛАМОН, претставувана од директорот на претставништвото во Скопје, Том Пуза
Министерката Апостолска информираше дека компанијата Теламон Корпорејшн од САД, која се занимава со производство на кабли и е присутна на американскиот пазар и пазарите во Мексико и Кина, планира почетна инвестиција во Македонија од четири милиони евра и 300 нови работни места, со проекција во Развојниот план да биде достигната вредност од околу 11 милиони евра и отворање на 600 нови работни места.
Посочувајќи дека предвидената поддршка е во делот на поврат по основ на инвестициски вложувања, вработувања со плати над 18.000 денари, извоз, корпоративен и персонален данок, министерката Апостолска подвлече дека инвестицијата која ќе биде во Инџиково, општина Гази Баба, е огромна придобивка која позитивно ќе влијае на Бруто домашниот производ (БДП), со оглед на тоа што ќе овозможи нови работни места, трансфер на стручни знаења и зголемена соработка со домашните компании.
Премиерот Заев, во своето обраќање, истакна дека Владата останува посветена на создавање на поволна деловна понуда и потенцираше дека во таа насока, поканата што ја доби Македонија за пристапни разговори за членство во НАТО, уште повеќе ја зацврстува сликата за Македонија како посакувана, стабилна бизнис дестинација.
„Граѓаните ќе го поддржат членството на нашата земја во НАТО и ЕУ, бидејќи знаат дека придобивките се огромни и имаат една голема и посакувана цел – подобрување на квалитетот на живот за сите“, рече премиерот Заев.
Тој се осврна на важноста на новите инвестиции, кои ќе отворат нови работни места, ќе придонесат за инвестирање во новото знаење и технологиите (know-how) и со реформите во образованието, ќе придонесат за создавање услови за зголемување на конкурентноста на домашната економија што значи зголемување на извозот и трговијата и побрз економски раст.
Директорот на ТЕЛАМОН Европа ДООЕЛ Скопје, Том Пуза го изрази задоволството од соработката со Владата и потенцираше дека стратешкиот план на компанијата е остварување на долгорочна соработка, настојувајќи на сеопфатен пристап и позитивно влијание врз сите граѓани.
Директорот Пуза, потенцирајќи ги приоритетите на компанијата, објасни дека изборот за инвестирање во Македонија, менаџментот го направил чувствувајќи го топлиот пречек, но и покажувањето на интерес и отвореност за инвестиции во земјата, што влева оптимизам за остварување на сите актуелни и идни перспективи на компанијата.
„Теламон“ произведува машини за спојување, автоматски машини за сечење кабли, ленти, машини за пресекување и затворање.
Компанијата е една од најголемите во САД и има свои претставништва во Индијана, Илиноис, Калифорнија, Арканзас, Охајо, Њу Џерси, Канзас и Мисури, два меѓународни капацитети во Кина и еден во Мексико. Фабриката во Република Македонија ќе биде четврти меѓународен капацитет и седиште на Теламон – Европа.