Министерството за економија ја промовираше апликацијата Visit Macedonia која ќе служи за промовирање на туризмот во земјата.
„За туризмот велиме дека е единствениот сектор кој во последниве години бележи континуиран раст од 100 проценти, така 2017 година ја завршивме со зголемување на бројот на туристи во земјата за 16, 6 отсто, при што зголемувањето на бројот на странски туристи достигна до 23,5 отсто, во однос на 2016 година, а бројот на ноќевања на странски туристи во Македонија се зголеми за 22,8 отсто.“, истакна министерот за економија Крешник Бектеши на промоцијата на апликацијата.
Тој посочи дека во првиот квартал на 2018 година, во споредба со истиот период минатата година, бројот на туристи во Република Македонија е зголемен за 18,7 отсто.
„Само во мај годинава, Македонија ја посетиле над 104.000 туристи, кои во просек оствариле по две ноќевања. Нашата цел е до 2020 година бројот на туристи во Република Македонија да биде еден милион, со остварени три милиони ноќевања, а учеството на туризмот во БДП да биде пет отсто.“ , објасни Бектеши.
Тој информираше дека апликацијата Visit Macedonia која е токму за таа намена, содржи веб, мобилна и секако администраторската конзола, и ќе биде достапна на три јазици: македонски, албански и англиски јазик.
Целта на мобилната апликација, која е во завршна фаза, е да понуди брз пристап до сите потребни информации за да го направи поудобен и поинтересн престојот на секој турист во нашата држава. Бектеши упати апел до сите граѓани на Република Македонија да ја споделуваат апликацијата на социјалните мрежи, со цел нејзино поголемо промовирање.