Агенцијата за медиуми ги објави податоците за уделот во вкупната гледаност на медиумите за вториот квартал од годината. Просечниот дневен и неделен досег по ТВ-канали – национални телевизии, телевизии на државно ниво преку сателит или јавна електронска комуникациска мрежа и странски канали, покажа дека и натаму Сител, Канал 5 и МТВ1 имаат најголем удел во гледаноста на телевизиите.
На прашањето кои домашни и странски ТВ-канали ги гледавте вчера, одговорите биле дека Сител го гледаат 36,29%, Канал 5, 28,21% и МТВ1, 20,67%. На четврто место е Телма со 19,38% и Алсат-М на петто место со 13,96%. Од странските телевизиски канали во Македонија најгледани биле Фокс, Дискавери, Нешанал џеографик и Спорт клуб.
Идентични се податоците и за неделниот досег на гледаност по телевизии: Најгледана е Сител со 51,25%, потоа Канал 5 со 42,79% и МТВ со 28,29%.
Најмногу телевизиски приклучоци има преку кабелска телевизија, 48,5% и со IPTV, со 27,6%.
Во анкетата на АМВУ е користен полуструктуриран прашалник. Анкетирањето е направено со CATI метода – телефонско интервју со компјутер. Вкупниот репрезентативен примерок го сочинуваат 2 400 испитаници.