Наближува Викенд Медиа Фестивал кој оваа година ќе се одржи од 20. до 23. септември во старата фабрика за тутун во Ровињ, Хрватска. По овој повод, директорот на Фестивалот, Томо Рицов, и програмскиот директор, Никола Врдољак ни открија кого сè ќе можеме да слушнеме и видиме на единаесеттото издание на овој најголем фестивал за комуникациската индустрија во регионот
Партнери на 11. Издание на Викенд Медиа Фестивал се Франција и Германија. Можете ли да ни откриете нешто повеќе за оваа соработка?
ТОМО РИЦОВ: Партнери на овогодинешниот Викенд Медиа Фестивал ќе бидат водечките економски сили – Франција и Германија, како престолнини на мултикултурализмот, уметниците, интелектуалците и иноваторите. Нивните главни градови успеаа да ја искористат својата разновидност, што е клучен фактор за нивната динамичност и континуирано обновување, а токму овој соживот на навидум некомпатибилни идеи ни служеше како инспирација за овогодинешното издание на Фестивалот.
Кој од гостите ќе нè запознае со праксата во Германија и Франција?
НИКОЛА ВРДОЉАК: Дел од програмата ќе биде посветен на нашите ценети гости од Франција и Германија, кои преку заедничко учество на Викенд Медиа Фестивалот ќе го претстават единството и испреплетеноста на Европа. Конкретни имиња ќе дознаете наскоро. Нашите гости, преку предавања и панели, ќе се запознаат со најдобрите маркетинг, медиа и деловни практики на нивните земји.
Во која мера ви претставува предизвик пронаоѓањето на нови теми за инспирација секоја година?
ТОМО РИЦОВ: Областите со кои се занимаваме, а тоа се пред се комуникациите и новата технологија, се развиваат со голема динамика. Со оглед на ова, инспирацијата ја пронаоѓаме насекаде околу нас. Секоја година се отвараат нови теми, или стари теми со нова перспектива, а на нас ни преостанува сето тоа да го следиме и да го претставиме на вистинскиот начин и на вистинското место. Предавачите кои досега ги имаме во програмата се гаранција дека и оваа година можеме да понудиме информации за најновите трендови во светот.
Дали е веќе познато кој ќе имаме можност да го слушнеме во прекрасниот Ровињ?
НИКОЛА ВРДОЉАК: Оваа година повторно ќе имаме интересни говорници и гости кои со својата појава ќе го привлечат вниманието на големиот број на посетители што се очекуваат во Ровињ. Еден од нив е писателот на “Поларниот сон”, Давор Ростухар, кој ќе нѐ води низ интимните детали од неговото последно патување со кое стана првиот хрватски и 26-тиот човек во светот кој успеа да премине 1.163 километри од брегот на Антарктикот до Јужниот пол. Навистина ни е драго што еден од гостите ќе биде и Кристијан Новак, моментално најголемата ѕвезда на хрватската книжевност. Тој ќе зборува за неговите успешни романи “Црната мајка Земја“ и “Циганин, но најубав”. Исто така, од Њујорк на Викенд Медиа Фестивал ни пристигнува и Џејсон Јерциновиќ, глобален менаџер за маркетинг иновации во реномираната американска агенција Хавас. Сигурен сум дека сите ќе бидат воодушевени од програмата.
Викенд Медиа Фестивалот е познат и по незаборавните забави кои ги приредува за своите посетители. Каква забавна програма можеме да очекуваме оваа година?
ТОМО РИЦОВ: Покрај конструктивните, а понекогаш и провокативни дискусии за трендовите во комуникациската индустрија, Викенд Медиа Фестивалот е познат и по одличната можност за вмрежување и забава. И оваа година во Ровињ не очекува разновидна музичка програма и дружење до доцните вечерни часови. Посетителите на Фестивалот повторно може да очекуваат забави и уживање за кои ќе зборуваат цела година.