Секогаш ми се враќа истото чувство од пред 30 години кога ќе слушнам како возрасен му се обраќа на дете со намера да го оддалечи од пред ТВ екранот.
„Не стој толку блиску“, „Врати се поназад“, „Штетно е за очите“ итн. Пред многу децении, тоа беа главните пораки за технологијата кон децата од страна на родителите, бабите и дедовците.
Тие траеја од појавата на телевизорот, па се до пред 15-тина години. Односно, до масовната употреба на компјутерите, потоа на лаптопите, па паметните телефони и таблетите. Технологијата оди само напред, а родителите ги повторуваат истите реченици на своите деца.
Но, денес, главните „кавги“ се водат и околу времето поминато на интернет од страна на детето, периодот на играње компјутерски или онлајн игри, квизови, гледање на видеа, следење на инфлуенсери-гејмери…
Тука се „кршат копјата“. Главната дилема на родителите е до кога ќе можат да имаат контрола врз содржините кои детето ги гледа на интернет или како да бидат сигурни и спокојни дека нивното дете е безбедно во онлајн просторот.
Изминатата недела, Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) излезе со Извештај во кој се констатира дека само 10 проценти од домаќинствата во Македонија со малолетни лица имаат инсталирано софтвер за родителска контрола. Ова Истражување покажа и дека половина од оние кои моментално немаат таков софтвер се заинтересирани да го инсталираат во иднина, но поголемиот дел од нив не знаат каде можат да го купат.
Токму затоа, во рамките на општествено одговорната компонента која ја спроведуваме заедно со ИТ компанијата КабТел продолжуваме да укажуваме дека голема поддршка на родителите играат софтверите за онлајн родителска заштита. Safe Kids е еден од нив кој е достапен на нашиот пазар.
Токму Safe Kids е мулти-платформа која им помага на родителите да создадат и пронајдат нови безбедни начини преку кои нивните деца може да го истражуваат дигиталниот свет.
Таа им помага на родителите да ги мониторираат информациите, им дава потврда за локација на кое се наоѓа детето, управување со времето поминато на уредот, како и севкупна заштита од онлајн ризиците кои демнат врз најмалите. Safe Kids (http://www.kabtel.mk/mk/kaspersky_products.html#kas_safe_kids) помага да се насочат децата, така што тие ќе имаат пристап само до одредени типови на веб-страници, содржини и апликации кои се соодветни за нивната возраст. Целта на овој софтвер е да се заштитат децата од пристапување кон интернет содржини кои се неадекватни за нивната возраст и кои можат да го нарушат нивниот развој, но и да ги вознемират или направат агресивни.
Еве, баш минатата недела, бев на очен преглед. Иако носам наочари од своето рано детство, овој преглед го направив после повеќе години. Докторката констатираше мало влошување на видот, главно поради астигматизмот кој од секогаш го имам.
Ова ми е прва корекција (и тоа мала) на диоптерот после 10 години. Точно толку време помина и откако стручно се насочив во делот на социјалните медиуми. Зборуваме за секојдневно поминување на компјутер и мобилен телефон на повеќе од 10 часа.
Така што главната опасност веќе не е опасноста по видот, иако и таа постои. Главно е како да израснеме идни генерации кои ќе знаат како правилно да се однесуваат на интернет. Генерации кои интернетот нема да ги повреди, но и деца кои ќе научат дека во животот никого не треба на навредат додека се онлајн, користејќи говор на омраза или навреда. Особено да не бидат како дел од нас кои ниските страсти како завист и љубомора широко ги постеламе преку социјалните медиуми. Туку, младина која ќе изгради цврсти и стабилни личности со вистинска онлајн репутација кои ќе ги ползуваат само придобивките од интернетот.
Но, затоа треба да прифатиме дека секоја генерација има своја битка, но и само свое детство. Тие, „новите девојки и дечки“, не може да го живеат нашето детство од пред децении, туку она кое ним им припаѓа. А, нивното детство во голема мера се базира и на интернетот и новите технологии. Наше е да ги заштитиме и насочиме, сè понатаму зависи и треба да зависи од нив!
Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми