Летово од Македонија во Русија беа извезени три милиони килограми праски, а оттаму поради соменж дека се заразени се вратени 120 илјади килограми
Русија најави од 15 август да воведе забрана за привремен увоз на некои коскести плодови од Србија и Македонија поради загриженоста за безбедноста, соопшти рускиот регулатор за безбедност на храна, пренесува Ројтерс.
Летово од Македонија во Русија беа извезени три милиони килограми праски, а оттаму поради соменж дека се заразени се вратени 120 илјади килограми.
Регулаторот, како што пренесува Ројтерс, соопштил дека во српските праски и кајсии увезени од 13 јули била откриена габичката „Monilinia fructicola“. Според рускиот регулатор, истата габичка била пронајдена и во плодови од Македонија.
Руската амбасада во Скопје, за МИА потврди, дека според информациите објавени на интернет страницата на руската федерална служба за ветеринарна и фитосанитарна контрола „Роселкхознадзор“, воведена е привремена забрана за увоз на коскести овошја од Македонија, која што стапува на сила од 15 август, како и дека одлука за понатамошно постапување ќе биде донесена по завршување на истрагата на двата надлежни органи од Русија и Македонија.
Од амбасадата на Русија, посочуваат дека за оваа сезона од Македонија во Русија биле извезени три милиони килограми праска, а вратени поради сомнеж дека се заразени биле 120 илјади килограми. Исто така, посочуваат дека сезоната за ова овошје е при крај и дека не биле предвидени други испораки.
МИА