Сопствениците на дронови во Македонија ќе мора да ги осигуруваат своите беспилотни летала

- Advertisement -

Ова е предвидено со измените на Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, што ги изготвува Министерството за финансии за да се заштитат граѓаните доколку со нивното управување се предизвика некаква штета

Ова е втора регулација во врска со дроновите, откако на крајот на минатата година беше донесена уредба која одредува кој, како и со која цел може да ги управува.
Освен за дроновите и тоа само за оние со тежина над пет килограми, обврска за осигурување со измените на Законот за задолжително осигурување во сообраќајот добиваат и авиокомпаниите. Предмет на осигурување за нив е багажот на патниците и стварите.

„Законот за задолжително осигурување во сообраќајот не предвидува задолжително осигурување за багажот и стварите во воздушниот сообраќај и за воздухополвите без екипаж. Со измената на законот се утврдуваат права за надомест на штети на сопствениците на багаж и ствари во воздушниот сообраќај и се уредува обврска за задолжително осигурување од одговорност за штета на воздухопловите без екипаж“, објаснува изготувачот на овие законски измени, Министерството за финансии.

- Advertisement -

Како цел на предлог-законот се наведува усогласување со европските регулативи од областа на цивилното воздухопловство (Регулатива (ЕЗ) 785/2004, (ЕЗ) 2027/97 и (ЕЗ) 889/2002), кои уредуваат обврска за осигурување на багаж и ствари во воздушниот сообраќај. Со воведувањето на задолжително осигурување од одговорност за штета на воздухопловите без екипаж, како што се објаснува, се врши усогласување со Уредбата за условите под кои воздухоплов без екипаж може да лета во македонски воздушен простор („Службен весник на Република Македонија“ бр. 187/17).
Временската рамка која Министерството за финансии ја предлага за изготвување на предлог законот е до денеска.
Измените на Законот се ставени на Единствениот национален електронски регистар на прописи на Република Македонија – ЕНЕР, на кој сите засегнати страни можат да оставаат предлози и коментари.
Од Министерството за финансии наведуваат дека ќе ги земат предвид и внимателно ќе ги разгледаат сите сугестии пред пуштање на измените на Законот во владина процедура.

Сподели!
- Advertisement -