Компанијата „Биоплант“ го донесе гоџи-моќното овошје од Тибет и во Македонија

- Advertisement -

 

Енергичен и полн со позитивна енергија, Ванчо Зрнцев, сопственикот на компанијата „Анима“, успешно и истовремено води четири бизниси. „Не знаете колку работи имам направено прв во Македонија“, вели тој за себе. „Едноставно, не ми е страв да се впуштам во нешто ново, без разлика на неизвесноста на исходот“. Денес, тој и неговиот тим развиваат ГПС услуги и навигации, пронаоѓаат подземни води и дупчат бунари, увезуваат и продаваат фотелји за масажа и се занимаваат со агробизнис. Зрнцев го направи и првиот регистриран електромобил во Македонија

Со Зрнцев е поврзана и приказната за првата плантажа на гоџи во нашата земја. Тоа е дрвенесто растение, со вкусен плод во форма на црвени бобинки. Во тие мали, но моќни плодови се крие тајната на долговечноста на луѓето од Тибет, од каде што потекнува. Го нарекуваат „волчја бобинка“, „среќна бобинка“, „црвен дијамант“, „лициј“ (Lycium barbarum). На Хималаите со векови се користи не само како храна, туку и како природен лек. Зрнцев за Иновативност ја раскажа приказната за производството на органско гоџи во Македонија и најави дека, наскоро земјава ќе стане и производител на сок од овој плод.

- Advertisement -

Господине Зрнцев, „Биоплант“ е единствениот сертифициран производител на органски садници од овошјето гоџи во Македонија. Од каде идејата да развивате токму ваков бизнис?

Идејата за започнување агробизнис ја добив летото 2013 година, кога на еден деловен состанок во Бугарија за прв пат слушнав за гоџи. По моето враќање дома, интезивно почнав да читам статии на интернет и да гледам видеа за ова кинеско овошје. Учеството на мојата фирма „Анима“ на саемот „Технома“, во октомври 2013 во Скопје, го искористив за да проверам дали ќе има интерес кај луѓето за гоџи. Иако на саемот имавме штанд за GPS системи, во еден агол ставивме мини штанд каде делевме флаери за нашиот бизнис модел со гарантиран откуп на родот. Интересот беше огромен, а тоа ми помогна да ја донесам конечната одлука за формирање на подружницата „Биоплант“, која ќе нуди саден материјал од гоџи, но и ќе го гарантира откупот. Во првите неколку години садниот материјал го увезувавме од Бугарија, но подоцна почнавме самите да произведуваме садници, најмногу поради фактот што сакавме да имаме целосна контрола врз квалитетот на садниот материјал и да нудиме органски произведени садници.

- Advertisement -

Каде може да се одгледува гоџи во Македонија, дали му одговара поднебјето?

- Advertisement -

Ние имаме кооперанти кои одгледуваат гоџи ширум Македонија, па затоа може да кажам дека резултатите не зависат од поднебјето, туку од вложениот труд. Секако, во низинските подрачја, за разлика од планинските предели, вегетативниот период е подолг, па оттаму и родот е побогат.

Според истражувањата гоџито делува благотворно на здравјето и е многу популарно во светското кулинарство. Како се користат овие бобинки?

Гоџи се јаде свежо, замрзнато, сушено или преработено во сок, џем или друго. Eфект од гоџи најмногу се постигнува доколку истото се конзумира свежо или како ладно цеден сок. Од почетокот од овој век, популарноста на гоџито расте, откако резултатите од медицинските истражувања го потврдија нивното благотворно дејство врз здравјето на луѓето. Американските стручњаци го сметаат за овошје на векот. Во светот не постои толку силен додаток во исхраната против стареењето. Според американската скала што ги мери антиоксидантните својства на храната (ORAC scale -Oxygen Radical Absorbance Capacity scale), гоџито супериорно ја држи првата позиција. Колку што е позицијата повисока на ORAC скалата, толку повеќе храната има способност да ги уништува слободните радикали, кои го нарушуваат здравјето, предизвикуваат хронични заболувања и го забрзуваат процесот на стареење.

 

Од друга страна одгледувањето гоџи и како бизнис е многу прифитабилно. Го увидуваат ли тоа нашите земјоделци?

Тврдам дека не постои попрофитабилен агробизнис во Македонија од плантажното одгледување гоџи. Не само поради фактот што повеќекратно е поисплатливо од најдоходовните култури во Македонија, туку и затоа што откупот е загарантиран со повеќегодишен договор за откуп на целиот род. Од само еден декар, односно 1.000 квадратни метри  засадени со 400 садници гоџи, во третата година (кога се добива и сертификатот за 100 отсто органско производство и кога започнува откупот) се заработуваат минимум 2.000 евра, во четвртата година минимум 3.000 евра, во петтата минимум 4.000 евра, a од шестата година минимален приход ќе изнесува 6.000 евра годишно. Сите овие пресметки се без без вклучени субвенции, кои им следуваат на производителите.  Овие калкулации, исто така се само за 400 садници, а едно семејство може да одгледува и многу повеќе, доколку се посветат на плантажното одгледување гоџи.

[quote]Од само еден декар со 400 садници гоџи, во третата година се заработуваат минимум 2.000 евра, во четвртата година минимум 3.000 евра, во петтата минимум 4.000 евра, a од шестата година минимален приход ќе изнесува 6.000 евра годишно[/quote]

Гарантирате и откуп, каде се пласираат овие количини, дали се извезуваат?

Откупот е загарантиран минимум 5 години, со можност за продолжување на соработката. Откупуваме само органско гоџи, кое е добиено од наши садници. Доколку некој ни понуди гоџи, а садниците не се набавени од „Биоплант“, тогаш не вршиме откуп. Имаме реализирано извоз на замрзнато гоџи, но од септември оваа година, започнува со работа нашата фабрика за ладно цедени сокови, така што целата суровина добиена од откупот ќе ја преработуваме во нашите капацитети.

 

Тоа значи дека го проширувате овој бизнис?

Бидејќи веќе имаме многу кооперанти од кои откупуваме гоџи, се наметна потребата за преработувачки капацитет. Инвестиравме во погон за сокови, во кој ќе се произведува сок не само од гоџи, туку и од други овошја и зеленчуци. Освен производство на сокови, ќе имаме и сушара за овошје, зеленчуци и лековити билки.

Кои се вашите планови за иднина?

Краткорочните планови ни се да го зголемиме бројот на кооперанти, кои ќе нè снабдуваат со органско гоџи,  со што би сакале да станеме најголемиот производител на органско гоџи во Европа. За остварување на овие планови потребно е прво да обезбедиме пласман на нашите производи. Воопшто не се сомневам дали ќе имаме успех во пламанот на нашите финални производи, затоа што ние ќе нудиме светски квалитет, почнувајќи од неспоредлив вкус, па сè до пакување на производите.

„Биоплант“ е дел од компанијата „Анима“, која се занимава и со GPS услуги и навигации, хидрогеолошки работи и со продажба на фотелји за масажа. Како споивте толку бизниси?

Јас сум од оние луѓе кои не ги чуваат сите јајца во една кошница, за ако паднам да не ги искршам и останам без ништо. Не е едноставно да се работат истовремно повеќе бизниси, но добрата страна во тоа е што кога некој бизнис не оди како што посакувам, другите бизниси помагаат тој да не згасне. Секако, најважен е тимот на „Анима“, кој е составен од луѓе кои можат да одговорат на сите предизвици и во кој владее слога и другарство. Бадијала бизнис(и) ако немаш тим!

Сподели!
- Advertisement -