Повисоки цени и откуп на целото грозје се очекува годинава поради зголемената глобална побарувачка, но и поради тоа што винарските визби немаат залихи, проценува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).
На редовниот состанок што го одржа министерот Љупчо Николовски со винарските визби и лозарите, беа презентирани откупните цени и моменталната состојба со бербата на дел од винските сорти.
– На состанокот лозарите побараа годинава грозјето да се откупува по повисока цена. Претставниците на винарските визби посочија дека немаат залихи и се очекуваат повисоки откупни цени за грозјето поради зголемената глобална побарувачка, како и да се откупи целиот род, наведува МЗШВ.
Годинава се очекува вкупното производство на грозје да биде околу 250 илјади тони.
Откупеното грозје од ланската реколта винарските визби целосно го исплатија со вкупно 755 милиони денари. Просечната откупна цена на винското грозје во 2017 година е 13,67 денари за килограм, што претставува зголемување од 11,5 отсто во споредба со 2016 година кога била 12,27 денари за килограм.
– Ова е највисоката просечна откупна цена во последните шест години. Според проценките на МЗШВ и на винарските визби оваа година се очекува да биде поволна од аспект на извозот и вредност на извозот, ако се има предвид дека заклучно со април годинава вкупниот извоз на вино од Македонија бележи пораст од осум отсто по количина и 11 отсто по вредност, додека просечната цена по единица мерка бележи пораст од три отсто, споредено со истиот временски преиод во 2016 година, стои во соопштението од МЗШВ.
Во годинашната Програма за финансиска поддршка за 20 отсто се повисоки субвенциите за одржување лозови насади за оние кои имаат од еден до 10 хектари, односно за лозарите со развоен потенцијал, или наместо 44.000 ќе добијат 48.000 денари по хектар. Исто така се воведе нова дополнителна субвенција од 12.000 денари по хектар за реконструкција на лозови насади, за промена на сортимент, што е важно за следење на светските трендови и за зголемување на конкурентноста.