Со донација од ОКТА, со средства обезбедени преку ИПА проект и со сопствени средства, на факултетот се инсталирани две фотоволтаични централи
На Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје денеска беа пуштени во употреба две фотоволтаични централи со вкупна моќност од 22 KW. Едната централа е донација на ОКТА, а другата е набавена во рамките на ИПА проектот „Подобрување на интеграцијата на складирање на енергија во згради со фотоволтаици“, како и со сопствени средства на факултетот.
Струјата произведена од фотоволтаичните централи ќе се користи за потребите на ФЕИТ што на факултетот ќе му донесе годишна заштеда од 3.000 до 3.500 евра.
„ФЕИТ со активирање на овие фотоволтаични централи ја подобрува енергетската ефикасност на своите објекти и заштедува средства од буџетот на Република Македонија. Со оваа иницијатива, исто така, продолжуваме со нашите заложби за заштита на животната средина и намалување на загадувањето. Првата централа, која е со моќност од 10 KW, е донација од ОКТА. Втората централа, која е обезбедена со сопствени средства на Факултетот и преку ИПА проект, е со моќност од 12 KW и има сопствен систем за акумулирање енергија. На овој начин, ФЕИТ ја потврдува својата заложба за поблиска соработка со стопанството и со државните институции“, вели професор д-р Димитар Ташковски, декан на ФЕИТ.
ОКТА, која од неодамна е активна во секторот на производство на струја од обновливи извори на енергија, ја поддржа инвестицијата на ФЕИT во овој тип технологии.
„ОКТА е секогаш подготвена да поддржи иновативни иницијативи кои придонесуваат за заштита на животната средина и за зголемување на енергетската ефикасност. Нашата донација е цврст доказ дека сакаме да учествуваме во секторот на обновливи извори на енергија односно сакаме да придонесеме, но и да учиме. Веруваме дека оваа донација ќе понуди алатка за развој на практичните вештини кај студентите на ФЕИТ, кои исто така ќе ги поддржиме и со стипендии, како и минатата година“, изјави Јанис Геруланос, главен извршен директор на ОКТА.
Министерот за образование и наука, Арбер Адеми истакна дека овој проект на ФЕИТ треба да биде пример и поттик за другите образовни институции да ги искористат потенцијалите на обновливите извори на енергија.
„Вложувањата во развојот на науката секогаш се исплатливи, а тоа се огледува преку придобивките од користењето на научните резултати кои имаат повеќедимензионална важност. Од една страна овозможуваат факултетот да има современ енергетски ефикасен објект и да прави максимални заштеди на електрична енергија. Од друга страна ова е одлична можност за студентите директно да се запознаат со начинот на функционирање на овој тип системи како дел од наставата, да анализираат како се генерира електрична енергија од фотоволтаици. Ќе им се овозможи да стекнат квалитетни знаења, но јас очекувам дека ќе се поттикне нивната иновативност во развојот на некои следни подобри и уште пофункционални решенија“, рече Адеми.
Целиот систем ќе има позитивен придонес и во образовниот процес на факултетот. На студентите ќе им овозможи анализа на процесот на генерирање и складирање електрична енергија од фотоволтаици, како и експериментирање и развој на сопствени идеи и нивно практично тестирање. Вкупната вредност на проектот за набавка и инсталирање на двете централи изнесува 27.500 евра.