Менаџментот на „Еуромакс Ресурцес“, компанијата концесионер на рудникот за бакар и злато „Иловица-Штука“, тврди дека добива поддршка од локалното население за плановите за работа, а поголема комуникација со Владата за тоа прашање очекува по претстојниот референдум закажан за 30. месецов.
– Во постојана комуникација сме со Владата. Свесни сме за актуелната политичка ситуација, нашиот Одбор на директори е подготвен да почека овој период и потоа поактивно да се вклучиме во комуникација со Владата во насока на прогрес, изјави денеска Варшан Гоуку, главен извршен директор на „Еуромакс Ресоурцес“.
Според Гоуку, надлежните лица од одделот за корпоративна одговорност се постојано на терен и комуницираат со населението, кое во изминатиот период заедно со еколошки организациии организираше протести за отворањето на рудникот.
– Добиваме поддршка од страна на населението, драго им е што се отвораат нови работни места. Драго ни е што во последниот период активно добиваме поддршка во врска со работата, рече Гоуку, одговарајќи на новинарски прашања на денешната средба со новинари.
Од „Еуромакс ресруцес“ повторија дека како одговор на загриженоста на сите засегнати страни одлучиле во процесот да не употребуваат ниту цијанид, ниту сулфурна киселина. – Преку едноставен физички процес ќе произведуваме само концентрат на бакар, кој ќе вклучува мала количина злаот. Истиот концентрат ќе биде транспортиран до топилница во Бугарија, кадешто ќе се произведуваат металите, бакар и злато, изјави Гоуку.
Тој дополни дека нивната студија за влијанието врз животната средина, изработена од локални и од глобално реномирани експерти, гарантира за безбедноста и докажува дека ќе нема негативни влијанија врз здравјето на луѓето и животната средина. – Рудникот е со висок таков стандард што може да се гради каде било во Европа и светот, посочи Гокул.
Во одговор на новинарски прашања оперативниот директор на „Еуромакс Ресурцес“ Патриок Форвард рече дека во процесот на преработка на концентратот нема никави промени и оти содржината од 24 проценти бакар е исплатлива.
Прашан каде во последните неколку години се отворени рудници со отворен коп, Форвард наведе дека такви случаи има во Канада и Латинска Америка каде рудниците се близина на пасишта и шуми, како и во Турција, каде пак во непосредна близина има лозја.
Од планираната инвестиција во рудникот во вкупен износ од 340 милиони евра, досега се вложени околу 40 милиони евра. Концесионерот на „Иловица“ очекува реализацијата на инвестицијата да го зголеми БДП за три отсто на годишно ниво, ветува вработување на 500 лица во тек на 20 годишното работење. Уверува дека ќе плаќа 25 милиони евра даноци годишно, вклучувајќи концесиски надоместоци од три милиони евра во буџетот на локалните општини.
„Еуромакс Ресоурцес“ котира на Берзата во Торонто и е во доминантна сопственост на инвеститори од САД, Велика Британија и Канада.
MИА