Нова инвестиција од три милиони евра на американската „Reci & Sons Enterprise“ во Струга

- Advertisement -

Во технолошко индустриската развојна зона помеѓу Охрид и Струга, беше означен почетокот на новата американска инвестиција во Македонија, на компанијата „Reci & Sons Enterprise“. Оваа компанија е формирана во 2012-та година во Њу Џерси, и е дел од индустријата за козметика. Инвестицијата во Струга е  три милиони евра и за почеток е предвидено да се вработат 250 лица, а подоцна треба да се искачи до 700. На настанот присуствуваа владини министри како и сопственикот на компанијата Арбнор Речи.

„Оваа инвестиција е можност Македонија да задржи голем дел од младите кои бараат подобар живот. На овој начин можеме да обезбедиме иднина, со која Македонија ќе извезува производи, а не луѓе. Стабилноста и растот ќе овозможат подобар живот за нашите деца како и подобра иднина за луѓето. Производите за лична хигиена што ќе се произведуваат овде, освен во Европа очекувам да се извезуваат и низ целиот свет. Ова беше сон на мојот татко и среќен сум што се враќам овде“, рече инвеститорот Арбнор Речи.

- Advertisement -

 

- Advertisement -

„Ова е инвестиција на прв иселеник од дијаспората, а одлуката на семејството Речи да инвестира во Македонија е вистинска, и е потврда за преземените реформи во економијата. Дијаспората е многу важен фактор за економијата во Република Македонија и ние сме подготвени да дадеме целосна подршка на сите печалбари кои се заинтересирани да инвестираат тука“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

На промоцијата на новата инвестиција беа присутни и директорот на ТИРЗ Александар Младеновски, министерката за странски инвестиции Зорица Апостолска, градоначалниците на Охрид и Струга, Рамиз Мерко и Јован Стојановски како и лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој ги повика иселениците да инвестирата во државата

- Advertisement -

Инаку ова е десетта инвестиција од САД во индустриските зони во Македонија. Директорот на Технолошко индустриските развојни зони Александар Младеновски, за Гласот на Америка рече, дека овие инвестиции достигнуваат вредност и до 100 милиони евра со околу 10.000 вработени.

Во Македонија инвестиции од САД уште има и во фабриката Леар во зоната во Тетово која вработила 2.500 лица како и фабриката Key Safety Sustems во Кичево со 1.800 вработени.

Сподели!
- Advertisement -