Македонија треба да ја усогласи законската регулатива со ЕУ директивите и до крајот на 2019 година да има нов закон. Усогласувањето ќе подразбира и спојување на зелената карта со полисата за автоодговорност, каде пак, исто така, се најавуваат промени во делот на цената, односно либерализација на цената за полисата за автоодговорност.
Ова го најавува претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето Климе Попоски во интервју за МИА.
– Во периодот што доаѓа имаме неколку предизвици во делот на регулативата пред се заради усогласување со ЕУ регулативата. Таа е една револуционерна регулатива бидејќи се зголемуваат барањата на друштвата за осигурување во делот на поефикасно управување со ризиците, се зголемува нивото на потребен капитал, зголемено е и нивото на транспарентноста и зајакнато е пред се корпоративното управување. Веќе имаме нова регулатива во нацрт верзија и треба да отпочнеме дијалог со индустријата и заеднички да се подготвиме околу нејзиното целосно транспонирање преку нов закон за осигурување. Согласно националната програма за усогласување со европското законодавство предвидено е до крај на 2019 година веќе новиот закон да добие светло, вели Попоски.
Додава дека она што треба да се направи при усогласувањето со европската регулатива е зелената карта да не биде повеќе посебна полиса и посебна премија, туку да биде дел од полисата за автоодговорност која секое возило треба да ја има при годишната регистрација на самото возила.
Тој истакна дека она што треба да се направи, исто така е да се либерализира пазарот во сегментот на слободно формирање на цената за автоодговорност од страна на друштвата за осигурување.
– Македонија има регулирани цени за задолжителното осигурување и исто така е една од ретките држави која има политика на одделна полиса и цена за зелена карта и поради тоа постои забуна во јавноста околу концептот со зелена карта. Во земјите од ЕУ, меѓутоа во Србија, Црна Гора, БиХ, само не Албанија и Косово, зелената карта не претставува посебна полиса, туку таа е вклучена во цената на полисата на автоодговорност што се купува при регистрација на возилото. При тоа во овие земји се плаќа доплаток од пет до 20 евра за печатење на зелената карта, а не е тоа премија за зелена карта. Затоа во овие земји цената за автоодговорност е на повисоко ниво отколку во Македонија. Пример во Црна Гора е 125 евра, а кај нас 80 евра за патнички возила, но кога ќе се додаде и зелената карта тоа на некој начин ќе се доближи, појасни Попоски.
За тоа дали би се променила цената кога би се либерализирал пазарот, тој вели дека искуството од земјите што поминале како Хрватска, Бугарија, Романија и Албанија просечната цена имаше тренд на намалување, кој траеше и до пет години, но тогаш се констатира дека компаниите не можат редовно да ги сервисираат штетите предизвикани од сообраќајни нереќи и немаа доволно капитал да ги покријат штетите. Потоа, додава, Попоски, компаниите мораа да е докапитализираат и на таа смкетка мораа да ги корегираат цените нагоре. На пример во Бугарија за 30 проценти се зголемени цените оваа година во споредба со лани.
Тој потенцира дека засега не се знае каков концепт ќе се примени, но може да се направи, како што вели, и да нема голема промена на цениоте. Тоа зголемување може да биде неколку проценти поени или може да биде за возила со мала кубикажа да има минимален пораст, додека кај другите возила со поголема кубикажа да има повисока цена. За моделот не може да се каже во моменот, тоа ќе го понуди Владата по направени анализи.
Попоски истакнува дека нема временска рамка тоа кога би се случило, но оти тие како регулатор и самата индустрија се подготвени.
Според него, за да се случи сето ова треба да се решат неколку работи, а тоа е нула толеранција на неосигурани возила, потоа да се реши проблемот со доцнењето во обновувањето на полисите за автоодговорност, проблемот во делот на исплата на штета кога за ист вид повреда икма раслична судска пракса. Со ваквото регулирање, смета Попоски, на некој начин со друштвата ќе може да се најде заеднички интерес за спојувањето на зелената карта со автоодговорноста и да не биде со зголемување кое нема да биде на задоволство на граѓаните.
– Став на Агенцијата е дека прво може да настане спојување на зелената карта со автоодговорноста, а потоа да се пристапи кон либерализација. Нашите анализи покажуваат дека целата постапка би се извела во период од две години, но откако ќе се донесе одлуката, вели претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето Климе Попоски.
Извор: МИА